Top
Празни зборови

Празни зборови

Ајде да си играме. Сакаш? Ми недостасуваат игрите од моето детство. Тогаш барем имаше детство. Ова денес не знам како веќе да го наречам. Не постои таков збор. Ако тебе ти текне, кажи ми. Зар игрите од улица можат да бидат заменeти со игрите на компјутер? Како дозволивме тоа да се случи? Па ние толку бевме разиграни што мајките постојано не собираа од улицата за да јадеме. Да, од толку среќа заборававме и да јадеме. А, денес не можат да ги избркаат од компјутерот, многу им се забавни игрите. Кои спомени ќе ги имаат тие од своето детство? Се сеќавам на ранетото колено кое го повредив трчајќи да му се скријам на симпатијата. Се сеќавам на писмото кое му го напишав и кавгата со мојата другарка на која исто така и се допаѓаше. Не зборувавме дури цел ден, одевме разделено, без да се држиме за раце. Па јас можам цела книга да напишам со моите спомени. А, што ќе им раскажуваат тие на своите деца? Како го убиле лошиот змеј во играта? Како ја превртеле стазата? Дека имале дечко на 10 години? Некогаш за возрасни се сметаа после 18 години, но денес е смалена границата на 10. Се плашам што ли ќе се случи во иднина. Каде ли ќе стигнеме ако продолжиме вака?

Жално е, многу жално. Но најстрашно е што ова се шири толку многу брзо, младите веднаш го прифаќаат. А не знаат дека тоа е само еден штетен вирус. Секоја чест на исклучоците. Вирусот навлегол толку длабоко во сите, што успеал да ги уништи највредните нешта во животот. Љубовта, пријателството, знаењето заминале на долг пат. Алергични се на вирусот па морале да заминат. Светотот ги бара назад, плаче за нив. Но, никако да го најде лекот против вирусот. Проблемот е во тоа што сите се жалиме како светот се претворил во злобен змеј кој виси над нас. А, дали знаете дека всушност ние сме тие што го преставуваме светот? Сите само зборуваме, а ние кој не тргнува од самиот себе. Сè додека не ги претвориме зборовите во дела, тие остануваат само празни зборови. Убаво рекол Ганди: „Биди промената што сакаш да ја видиш во светот!“.

Автор: Драгана Цекова


Вашите дела ги очекуваме на diary@ilike.mk. Ви благодариме!



Оставете коментар

Вашата е-маил адреса нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

*