Top
Под раката на тато

Под раката на тато

Кога тато ми удира шамар, јас прво немам време да се свртам. После гледам горе, па се вртам со главата. Сијалиците на таван се претвораат во множество точки од злато. Во нив трчам и трчам и сега… Земјата се тресе. Кога тато мава јас сакам да гледам како се креваат бранови на стадион зашто многу вика. Ама пак, жежи, многу жежи. Во мене врискаат жеже–пече. Чрчорат од гласот на тато. Како сите луѓе да се караат на едно место во исто време. На еден филм видов и прочитав: „монсуните доаѓаат…“. Шамарот ги носи монсуните ама јас ги барам дупките горе на небо каде има малку сонце. Тоа е како златните точки. Се појавува брзо како главата на мама од другата соба и после го нема. Мама рече дека цела земја е под раката на тато. Ја прашав: „Како може?“. Таа се смее како мене кога ќе ме прашаат: „Зошто единица?“. Се смее и зема воздух како да носела кеси од град до дома. Нешто ѝ тежи. Во очите и светат превртени виножита. Многу е тешка раката на тато. Некогаш не знам во што да гледам кога мава. Полесно е кога не треба да ми текне што да гледам. Не ми треба таква рака. Ја сакам кога ќе се тргне. Кога ме држи да не паднам, кога не тежи и не жежи.

Автор: Горјан Милошевски


Вашите дела ги очекуваме на diary@ilike.mk. Ви благодариме!



Оставете коментар

Вашата е-маил адреса нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

*