Top
Petto-pismo-Saso-Dimoski-iLike-mk

Петто писмо

Имавме пар години. Пар години, јас и ти. Имавме колку што допуштивме да имаме. Не сакавме повеќе. Секогаш можевме помалку. Беше доволно. Доволно, пар години, ти и јас, љубов и по некое ново чувство закачено за лицето. Сега ги закачувам одломките од она што остана после нас, некаква можна, залепена слика од скинати среќи. Скинати среќи како скинати животи кои треба да останат да се живеат. Не можам да знам како се живее среќно одново, по нови правила за среќа. Има ли среќата општи правила? Јас само знам дека времето поминато со нас, за мене беше единствено среќно време.

Пар години, јас и ти.

Еден ден здогледав друг човек на моето лице. Се прашав: „Што направив со своето време?“. Тоа по лицето ми беа траги од други луѓе, а не мои добрини. Во секоја бора препознава по некој настан и по некој човек. Мене ме немаше. Ме немаше на моето лице. Го вперив показалецот кон себе и реков – треба!

Ти седеше на метар од моето треба и знаеше што треба. Ме гушна за половината. Ме бакна на опачината од вратот. Почувстував како ми дишеш во косата.

Треба“ – рече.
Мора.“ – реков и се свртив.
Каде?“ – ме праша.
Некаде кај што морам сам за себе.“ – одговорив.

Имавме пар години, ти и јас. Пар среќи и пар лоши среќи. Мене останува да ми биде среќа една слика во главата. Една слика која одамна не постои.

Автор: Сашо Димоски


Вашите дела ги очекуваме на diary@ilike.mk. Ви благодариме!



Оставете коментар

Вашата е-маил адреса нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

*