Top
Минатото во неа

Минатото во неа

Таа ноќ ветерот испреплетен со песокот од плажата безмилосно минуваше низ нејзината коса. Тишината безмилосно ја отежнуваше нејзината ситуација и безсрамно ѝ додаваше мисли од кои таа постојано бегаше. Сепак, таа само мирно седеше како ништо околу неа да не се случува, физички беше на плажата, но со мислите беше некаде далеку, подалеку и од хоризонтот во кој што со часови гледаше немо без да трепне. Размислуваше за сите оние неизговорени искрени зборови и за оние изговорени неискрени зборови. Жалеше за изговорените кои што таа ноќ ѝ избегаа од усните, но уште повеќе тагуваше за оние неизговорените. Беше заробена во цврстите прегратки на тишината и злобните погледи на темнината. Колку повеќе сонцето се издигнуваше над облаците, толку повеќе спомени ѝ носеа сончевите зраци. Сега во нејзините очи се огледуваше сонцето, а таа ја гледаше само бледата светлина на полната месечина. Околу неа пееа птиците, а таа го слушаше завивањето на гладните волци. Топлите бранови на тропската клима ја галеа по лицето, но таа ги чувствуваше суровите студени ветрови. Насекаде преовладуваше мирисот на морето испреплетен со благи спомени на летните денови, но таа го чувствуваше само неговиот изветреан парфем. Почувствува глад. Го вкуси чоколадото кое што ѝ беше во џебот веќе подолго време, го почувствува горчливиот вкус на суровоста на животот и со тага во очите ја изглуми најубавата насмевка некогаш видена.

Автор: Сара Стефановска


Вашите дела ги очекуваме на diary@ilike.mk. Ви благодариме!



Оставете коментар

Вашата е-маил адреса нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

*