Top
Минатото

Минатото кое живее во нас

Пролет. Наскоро доаѓа. Се насетува во природата, во времето, во луѓето во градот. Сите како да се будат од некој сон. Да заминува депресијата од луѓето. Да се појавуваат нови лица, да се гледа на животот со насмевка. Да се вртиме кон иднината. Да го заборавиме минатото. Да ја живееме сегашноста како што треба. Без да се гржиме што ќе кажат другите за нас, без да имаме грижа на совест за нешто што не сме виновни, без да се грижиме за чувствата на другите. Да живееме малку за себеси.

Но, сепак дел од нас живеат во минатото. Во спомените, во времињата кога биле среќни, во оние ситни моменти, како ѕвездите во ноќта. Се губиме во минатото, како странци во пустина. По толку талкање, лутање, се уморуваме, забораваме всушност за што сме дошле до тука, зошто толку сме се изгубиле. Ги забораваме нашите сништа. И што добиваме на крајот? Еден куп разочарувања, неостварени соништа, а сеуште онаа најчеста лага, што нè држи во живот – надежта. Надежта е едно од најсилните оружја кои ги имаме. Надежта те тера да се бориш, да загубиш сè и да продолжиш понатаму. Надежта значи дека постои нешто за кое живееш. Значи дека животот ти има смисла, дека не е сè толку црно како што изгледа. Надежта те прави ранлив, те прави слаб. Те остава без гордост, те остава без чувство за доста. Секогаш бараш уште и уште. Стануваш како крволочно животно подготвено на сè, само за да си ја сотвариш својата цел. Е тоа е тоа што не прави да бидеме без чувства. Да заборавиме за што сме се бореле, да заборавиме која била нашата цел, да заборавиме кои сме, и зашто сме тука! И најпосле, се браниме дека сè што сме направиле е поради љубовта. Не! Не живееме во минатото поради љубовта! Не правиме сè, не ги повредуваме другите поради љубовта.

Тоа го правиме поради нашата суета. Нашето его, нашата гордост. Не сакаме да се погазиме себеси, ги правиме најголемите грешки што живот не чинат, и после љубовта е виновна за сè. Е тоа прави минатото од нас. Робови на нашите трагични грешки кои ги нарекуваме несреќни љубовни приказни.

Автор: Дани Тодоровска


Вашите дела ги очекуваме на diary@ilike.mk. Ви благодариме!



Оставете коментар

Вашата е-маил адреса нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

*