Top
Љубовно писмо број 3

Љубовно писмо број 3

Љубов непреболена…

Помислив на тебе. На крајот од летото секогаш помислувам на тебе. После сите авантури на крајот од летото се враќаш во моето срце како некогаш. Доаѓаш ненајавено, земаш од насмевката на моето лице и заминуваш.

Љубов непреболена…

Вчера ја качував планината. Највисокиот врв во ова рамно поле, го качив со леснотија, без да застанам, без да се одморам. Повеќе нема мир за мене. Најубавото време ти го подарив тебе, не остана ништо од него за мене. Ми остави само болка, длабока рана во срцето. Никому повеќе не му го подарувам времето. Мириса на есен и на сите зими заедно, на сите години наназад поминати во потрага, иако беше тука.

Тука, а така далечна

љубов непреболена…

Лежиш стуткана до моите стапала,

молбено ме гледаш -

да те земам во прегратка,

да те стоплам со погледот,

да се разбудиш со дел од моите соништа

случајно заспани во твоте срнечки очи.

Немам соништа за тебе,

љубов непреболена…

Одамна те исплакав од очиве,

те исцедив од срцето,

ти подарив и дел од него.

Зема многу нешта,

заборави на многу нешта.

Јас ништо не заборавам.

Љубов непреболена…

Планините кријат иста тајна. На враќање никогаш повеќе не сме истите. На врвот секогаш останува да се ветрее исплашеното дете, стуткано во креветот во потрага по светлина. Сите караконџоли и бабароги заедно живеат во најтемниот агол од малото срце.

Таму, на врвот љубов непреболена… го извадив исплашеното срце им го оставив на орлите, оттогаш не сум повеќе иста.

Автор: Капка Светлина


Вашите дела ги очекуваме на diary@ilike.mk. Ви благодариме!



Оставете коментар

Вашата е-маил адреса нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

*