Top
Љубов, ти и јас, и едно ѕвездено небо

Љубов, ти и јас, и едно ѕвездено небо

За никого претходно моево срце не биело вака.

Ова е несвојствено за мене.

Ова не сум јас.

Јас сум само сенка од едно минато кое е закопано во темнината на земјата, два метри надолу; во бездната на животот.

Јас сум ладен; јас сум див; јас сум гад; јас сум ѓубре; јас сум несериозен; јас сум плашливец; јас сум срцекршач. Но, кога ти се создаде во мојот живот, како да направи да бидам јас тој вистинскиот. Да се пронајдам себеси, покрај тебе; заедно со тебе; сплотени како едно. Да, во сето тоа време! Сето тоа поминато време од вулкански емоции. Сето тоа поминато време во кое тежнеев да си со мене; покрај мене; да живееш за мене, а јас за тебе… Оти знаеш потајно, дека јас сум ти, а ти си јас. И нема поинаку.

Ова е само една мала, но силна верига на мојот живот, во кој на некој начин морам да се навикнам, да се приспособам, да бидам оддан. А знам дека го правам тоа, знам дека многупати сум бил во ситуација да бидам тоа што сакам да бидам; да ти дадам среќа само тебе; со она малку што го имам – а од друга страна имам многу – имам многу љубов да дадам, да понудам, да подарам; оти таа љубов ќе ја раскаже приказната на нашиот живот. А знам дека го правам тоа, знам дека многупати сум бил повредуван, а тоа има направено да се скријам во сите мои високи и ладни ѕидини, да не дозволам никој да продре до мене – дури и во ноќите кога знаев да заплачам сам, без никој до мене.

Сам…

Без никој до мене.

Еден од многуте моменти кога сфатив дека ти си љубовта на мојот живот беше кога ноншалантно и без размислување го имав стегнато телефонот во испотената дланка, додека така безумно чекорев по улица… очекувајќи нешто од тебе, повик, порака… што и да е. Тоа од тогаш стана рутина, стана некоја несвојствена рутина за мене… да тој мој телефон постане потреба, другото срце кое бие до мене – мојата душа до тебе, оти не можев да те имам до себе. Во тие мали и неважни работи, јас ја наоѓам важноста на љубовта, љубовта што се создаде само за тебе!

Викаат дека се вљубуваме во несовршеностите на човекот; а тие на некој начин нè прават луѓе, а не роботи. Нема своршеност кај мене; не сум совршен (никој и не е), но како што душата моја е совршена, како што срцето мое знае да сака – ништо и никој не може. Тоа е тоа што не може никогаш да се промени и претвори во замрзната емоција; тоа е суштинското. А јас целоисходно и секојдневно се трудам да ти покажам повеќе дека тоа е така. Да те љубам повеќе, оти тоа ми е потреба. Да те љубам повеќе, оти тоа го заслужуваш; како што го заслужувам и јас. А јас без прекин се трудам да бидам совршен за тебе, да те направам да осетиш целосна среќа, да имаш гордост за мене. Да љубам како што мислат дека е погрешно, а ние да знаеме дека е правилно!

Имам сфатено многу работи низ годините, оти имам поминато низ многу. Имам поминато низ оган, низ неможност, низ беда, низ страдање на човек кој не треба да страда во тие години, низ тага, низ верига од парцели ископани два метри надолу… И сето тоа има влеано во мене некој страв… кој не можам да го објаснам ни победам. Целиот тој страв е неможно да се искорени, оти тоа е некој јазол во мене, али единствено што можам да ти ветам е дека ќе те љубам… дека те љубам, и дека без оглед на што и да е, ќе те љубам без сопирање; додека во моево срце има оган да гори; додека во мојава душа може ветер да дува и да ме собори.

Сум сретнал многу луѓе низ мојот живот… И не сум можел да поверувам во нивната несериозност, и во нивниот замрзнат став кон лицата кои тврдат дека ги љубат; и после сè да се откажат. Егото и гордоста си ги погазувам, си ги расфрлам и ги уништувам – тие не се за мене. Тие за мене се изгазени черги кои не вредат во нашата љубов – а знам дека немам сретнато некој кој знае да љуби како мене, оти јас кога љубам јас љубам со целото мое битие, со секој атом на моето тело, со секое помрднување на моите трепки, со секое помрднување на мојата рака, со секое издишување, со секоја смеа, со секоја солза, со секое треперење, со сè што имам јас… А тебе те сакам многу повеќе од тоа, оти мислев дека е невозможно да сакам повеќе од тоа… а сепак… се умртвив од љубов!

Можеби ќе згрешам со ова што ќе го кажам, ама денот некако нема цел кога тој самиот е посветен само на тебе – оти секоја секунда помината со тебе прави да секоја секунда помината без тебе боли како најдлабоката дупка во пеколот. Можеби нема да ме разбереш, и не очекувам да ме разбереш, а само сакав да ти кажам дека знам дека мојата љубов кон тебе не може да се измери со ништо на овој свет… во овој универзум. Мојата љубов кон тебе расте, со секоја одмината минута. Мојата љубов кон тебе ме плаши!

Без оглед на многу работи, начинот на кој го држам телефонот, потребата да те одбранам, љубомората која врие во мене, потребата да си до мене, бакнежите, допирите… се сите тие работи кои ме прават да разберам што значи да можам после минатото, да сакам како што не сум сакал никогаш! Да те сакам само тебе, само за себе!

Не сум совршен јас како што сакаш да сум, и тоа го знам! Не сум совршен може како што ме замислуваше; како што тежнееше да бидам, како што се надеваше – како што се надеваше тоа да те направи да почувствуваш најголема среќа! А не се грижам за тоа; времето е тоа, околностите се тие, јас сум тој… А јас знам дека сум совршен во целина – совршен заедно со битието, душата, разумот, срцето… И со сите тие делови, јас тебе те сакам повеќе од што ти знаеш… Можеби и никогаш нема да знаеш…

Ти ветив ѕвездено небо; и тоа јас ти го давам! Со сите мои совршености ти го давам целиот универзум; целото пространство! Ти давам сè!

Оти ти не знаеш! А мојата љубов дури ме плаши и мене! Се плашам од самиот себеси!

Од колку јас…

Тој суштински парадокс!

А јас сепак, останувам засекогаш твој!

Автор: Кирил Ангелов


Вашите дела ги очекуваме на diary@ilike.mk. Ви благодариме!



Оставете коментар

Вашата е-маил адреса нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

*