Top
Губејќи го највредното

Губејќи го највредното

Ја довикувам во бесконечноста. Срцето мене ми се лути, јас сум бил виновен што е празно. А пак душата уште повеќе ја отежнува работата. Откако го слушна нејзиното име не сака да престане. Јана, Јана, Јана… Тоа е сè што слушам секоја секунда. Можеби сонцето знае каде е, таа многу го сакаше сонцето. Знаеше да застане на сред пат, да ги затвори очите и да ужива во топлината. Така можеше да стои цел ден. Луѓето поминуваа, се вртеа по неа и мислеа дека по малку е луда. Дури и јас не ја сфаќав. Сакаше секој ден да одиме во природа, велеше дека таму и припаѓа душата. А, јас пак магуп, постојано ја задевав и таа ќе ми се налутеше. Ќе почнеше да ме брка низ ливадите, и по некое време ќе легнев на шаренилото од цвеќиња, и таа паѓаше врз мене. За таа глетка вреди да се живее. Покрај нејзиното лице со ружа во косата, излишни беа зајдисонцето и прекрасната убавина од цвеќиња во сите бои. Беше поубава и од небото, дури и од ѕвездите. Таа беше моја природна убавина која не може да се спореди со ништо. Најмногу сакав кога ветрот и ја носеше косата низ просторот, а таа ќе ме погледнеше и ќе ми се насмееше. Понекогаш немавме потреба од зборови, само ќе се погледневме и ќе уживавме во тишината. Со другите секогаш ми било незгодно, напнато во тишина бидејќи не сум знаел што да им кажам. А, со неа се е поинаку. Всушност таа е многу различна, единствена. Но, секогаш ќе се најде некој што не знае да цени работи кои доаѓаат само еднаш во животот. А, таквите како неа си ја знаат вредноста, и не се враќаат веќе никогаш. А, јас погрешив. Погрешив што дури сега сфатив колку вреди.

Автор: Драгана Цекова


Вашите дела ги очекуваме на diary@ilike.mk. Ви благодариме!



Оставете коментар

Вашата е-маил адреса нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

*