Top
Нека ова биде говорот на  мојата душа

Нека ова биде говорот на мојата душа

„Некогаш кога ќе посакаш да кажеш дека ме сакаш и колку ме сакаш, не запирај само на зборовите зашто тие не можат да го шепнат неизречното, ниту пак да го прозборат она што е скарано со животот. Не тагувај за она што го немаш или пак она што никогаш си го немал. Не пишувај за невозможносто, зашто не се раскажува ни за вистинитото.

А, кога топла крв ќе се разлее низ моето лице, пролеана од моето зацрвенето око заскитано во некоја далечина – ќе знам дека си отиде повторно. Сети се, животот не е вечен – не чекај. Времето не ни е на дофат, а пребргу си мине. Некогаш твојата близина беше мојата далечина. Ех, само кога толку далечни би биле и чувствата од мене.

Откако ќе заминеш – не враќај се. Нека онаа другата те теши сега како што мене ме тешеше осаменоста кога ти ме остави. Осаменоста ќе ми остане најдобриот пријател и љубовник кога ќе нема никој покрај мене. Ќе ја имам неа за да не бидам сама.

Веќе не ме љубиш? Тогаш, мрази ме. Но, ти не си последната воздишка на светот па да морам да те имам. Срце мое, надежта умира последна. Кога во очи ќе те погледнам и ќе ти кажам дека не те сакам – дека те мразам и ќе ги бакнам твоите Јудини усни за да ти докажам – тогаш ќе умре надежта. Не, подобро би ги бакнувала моите крвави солзи засладени со „потта од трчањето“ по тебе, отколку твоите издајнички и лажливи усни.

Велеше дека ме сакаш. Ми се колнеше и ми докажуваше. Дали поради тоа што ме лажеше? Твојата лага – обвиткана со црниот мрак и означена со ударот на полноќ. Кога си замина и јас лажев. Мојата лага – не те сакам. Не знаеш колку ме болат твоите љубовни изјави, колку солзи пролеав заради нив и од колку голема и искрена љубов се откажав поради нив.

Не, не жалам за тебе. Жалам по изгубеното време по тебе. И кога би биле заедно – смртта би не разделила. Биди со неа и со друга и со трета… Но, има некоја чија љубов не ја заслужуваше.

Дали се сеќаваш кога бевме заедно? Дали ти недостига времето поминато со мене? Ѕвезди што шепнат за минатото, сведоци на тајната скриена во две парчиња дрво, на местото на злосторот. Сеуште се овде тие парчиња дрво, но искршени исто како и моето срце.

И онаа малку љубов во моето срце, згасна од моите солзи. Тие се сведок дека оној мал мускул во моите гради, што некои го викаат срце, не е мртво и сеуште дава знаци на живот.

Ех, само кога би те проколнала и мојата клетва би те стасала, тогаш…“ – ете така зборува мојата душа.

Автор: Ани Гарванлиева


Вашите дела ги очекуваме на diary@ilike.mk. Ви благодариме!



Оставете коментар

Вашата е-маил адреса нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

*