Top
Другите кои не беа ти

Другите кои не беа ти

Еднаш љубев еден човек голем колку небото и тежок колку денот кога во денот неподносливо тежи животот. Еднаш љубев еден ти. Љубев и еден друг ти. Љубев и една ти. Со сите свои љубови-колку што има љубови зад затворени очи. Толку силно. Толку темно. Со толку лица во мракот колку што има видливост во ноќта: доволно за да се пронајде еден прост пат и доволно за да се загуби еден човек. Луѓето најлесно се губат во мракот. Во сопствениот мрак. Така се јавуваат темни дамки: по кожата, во времето, во очите. Под нив и низ нив. Темни и безживотни дамки. Еднаш љубев еден човек со боја на светло пред затемнување. Толку светол во мракот: да ми се стегнат зениците од добра болка. Живот во мракот, по мене друг живот. Со животот можеш единствено да стануваш други животи, други луѓе. Еден ти и една ти. Едни други тие. Некаде. Денес е сеедно. По мракот во љубовта-сред белиот ден останува само неочекувана месечина сред пладне.
- Можеш да престанеш, но ова нема никогаш да престане – прошепоти и ја подаде главата низ прозорот. Беше совршен пролетен ден кој стануваше летна рана ноќ.
- Што да престане? – прашав.
- Сето ова. Времето. Луѓето во него. Ти во мене. Можеш да заминеш многу далеку од овој прозор. Тоа нема ништо да смени. Не за мене.
- Нашите нешта отсекогаш биле вакви – реков и го затворив прозорот, па го зедов куферот.
Се погледнавме в очи. Ми кажуваше доволно. Ми го кажуваше она кое сакав да го чујам. Љубовта често има потреба од збор кој изненадува. Потреба од неочекуваност.
- Ќе бидам тука – рече.
- Ќе бидам и јас – одговорив.
- Нема никогаш да биде вака повоторно – прошепоти низ затворени очи. Ме избегнуваше. Не сакаше збогувања, а јас никогаш не се збогував. Да се збогуваш значи да престанеш да веруваш, а јас го имав тоа ние секаде.
- Секогаш ќе биде поинаку. И секогаш ќе бидеме ние. Затоа што така е – одговорив и се насмевнав.
Ги отвори очите. Некаква музика свиреше позната мелодија.
- Болна сум – потпевнуваше.
- Сосема болна – потпевнував и јас.
Проста француска песна.
Еднаш љубев еден човек во кој ги имаше сите љубовници кои ги имав. Сите нељубовници. Најверојатно и луѓето кои ќе бидат тоа. Еднаш љубев една ти. Толку многу. Со сите месечини и со сите мракови.
Љубев со сопствениот страв од губење во мракот.
Не престана. Не престанав.
Во една љубов љубовниците се секогаш исти. Тежат онолку колку што им тежат сништата, а љубовта секогаш исто сонува: животворно.

Автор: Сашо Димоски


Вашите дела ги очекуваме на diary@ilike.mk. Ви благодариме!



2 Коментари

Оставете коментар

Вашата е-маил адреса нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

*