Се случува. Доаѓаш во бранови.
Не гледам убаво. Мравки… Мравки ми ја покриваат мрежницата и еве сега пак, на првиот бран…
Првиот удар е подмолно тивок. Не се работи за тоа дека се погледнуваме. Преку ден разменувам погледи со стотина, преку недела со неколку илјади луѓе. Погледите се одбиваат како магнети со истиот пол, се одминуваат како возови кои строго држат свој правец или … Или постои вакуум тогаш. Тотално затајување на слухот. Бесшумни движења на непозната сила и жештина во абдоменот, градите, преку лицето, низ слепоочниците… Да те прашам сега, нема смисла, нема идеја што ќе каже што се случува. Тапоста на срамот и задоволството, како момче што ѕирка голо развиено женско тело во сета бујност која наимува под ноќното светло на прозорот, како адреналинот на воајерот кој во моментот пази само на едно нешто и ништо друго, дури ни на себе. И тогаш го фаќа цело друштво , другари и другарки, му се смеат, со недели, го пишува по сите ѕидови, табли, пораки на мобилен, ливчиња подадени на досаден час, на статуси, го дробат од сеир додека не стане толку мал што сите сакаат да го згазат. За тоа зборувам, ете како неизлечив срам ме симнува долу пред погледот на твоите бадемасти очи и ме лазат мравки. Од каде доаѓаат сите тие мравки? Шетаат безобразно под кожата и од горе ги гледаш , ги гледаш сите до една, како мали дини кои се преместуваат во облаци песок на твојот лаком ветар што лудачки ровари по епидермисот.
Веќе нараснува втор бран. Се прави обрач од полните усни низ кои се чистат твоите зборови. Глувило… Уште еден удар… Разглас што пробива низ сите ходници на мојата глава и таму некаде, кога ќе направи еден циклус низ невроните на занемената свест се одбива од слушните тапанчиња за да се врати пак. И тресе, ненормално го издига подот каде ќе му текне па не знам каде да газам. Во паника трчам низ некоја зграда, напуштен затвор со челични решетки на прозорите, чекај малку, застани! Подот се витка во бранови, доаѓаат од секаде, рипам и помислувам на скокачите од карпа, скијачите од леталница. Како им е на нив точно кога ќе се одлепат од земја, на што мислат кога гравитацијата ги вшмукува надолу? Не мислат. Тие сечат канал на глувилото и адреналинот до првиот допир со целта. Моите скокови во заводливата бука на твоите зборови, такви се. Надвор е војна. Распад. Се исчашува асфалтот од земјата, лисјата од дрвјата, олуците од зградата, се одлепуваат работите една од друга, нема веќе линии, се губат формите, летаат луѓе како партали во незнаен вртлог од гласот со заби, во звукот од воздушниот млаз на 7 милијарди авиони кои се распарчуваат до секој детаљ како да експлодирале во недоглед од огледала едно во друго, ги гледам. Се’. И мавам по прозорите со рацете, а лактите ме одвраќаат зашто еве, не знам. Не можам ништо да кажам, не можам устата да ја помрднам. Небитно, вистина, се поминува низ тоа. Сега зборувам за она што се брои, а тоа е дека цел мој разум, преживеаните парчиња свест, ги водат невидливи сајли во сигурниот кафез како актер кој ја игра кореографијата во неизводливо точни чекори свесен за очите на режисерот фиксирани на секој негов прст, рака, нога, на цело тело. Додека ти зборуваш јас партиципирам во оваа приказна, партиципирам со протест ама продавам се’ што може да ми го расипе ова место.
Третиот. Ова е квинтесенција на невремето што се создава зашто е дојдено нашето време. Ме допираш со целата дланка свиткана под мојата брада како колевка на јазлите на слаткото невозможно, мојата нова култура и страст на постоењето. Нешто ме исфрла во неочекувани координати на мапата од притаена и неподнослива жед на нашата усвитена привлечност и задоволство. Ме фаќаш за долната вилица меко како пипците на пајакот, но вбризгуваш траги од посакуван отров што ме пржи и ме рани во исто време. Ме буткаат рамена, тела, добивам лакти во затрчана, зовриена толпа од луѓе во Таксим,Сао Пауло, Каиро… Не знам дали да ги кренам рацете преку глава и да се свиткам долу како фетус или да се препуштам на ударите како кеса разлетана во бура. Немам ни време да ги кренам. Тежам од возбуда колку сите тие околу мене, а ме носат од едно жариште во друго. Те наоѓам под асфалтот на севековен, жолчен протест за убавината што никој не смее да ни ја одземе. Така ми е. Делакроа тебе ти го даде знамето, а ти го вееш низ пустините во градниот кош и сееш живот што ги прави оазите пресмешни, премали и скоро невидлив дел од него. Заради густата коса и крупните очи како патоказ на изгубените, разбудените, смелите, очајните, живите, како строга освестувачка линија во напорот на зеницата да го прими снопот светлина. Читај сега точно и ти гледаш! Таа патува преку слики кои носат хармонија во стомакот, лицето, темето, врвовите на прстите, зглобовите кои дотогаш претрпуваат земјотреси. Горат во пламени јазици од хазардерска среќа. Молк од секунди кои ме делат од чудо. Прашуваш: „Што ти е?“ И на последниот твој тон во мене прска воден топ, па уште еден и уште еден. Вода од сите пори на земјата, од сите страни, се протнува низ каналите на целиот мој физички и духовен идентитет. Вода! Надоаѓа и немирот го пресоздава во нирвана. Во чувството кога легнувам на чиста постелнина после бањање помножено до бесвест, во разговорот што ја разбива депресијата со саати кои не се бројат и редат фрагменти верба и мир во бескрај. Сега попуштаат сите аспекти на поимливите нешта. Ти си тука, а јас љубоморно чекам со целиот мој распон на рацете и нозете и ја подавам главата напред додека со очи широко отворени веќе ги намирисувам капките од следниот бран. Една капнува и се лизга по челото. Удар!
Автор: Горјан Милошевски
Вашите дела ги очекуваме на diary@ilike.mk. Ви благодариме!