Top
Цигарите знаат сè

Цигарите знаат сè

До пред некое време бегаше од одвратниот мирис на димот од цигарите, а сега никотинот ја опушта. Сите ја прашуваат: „Кој те излажа да почнеш да пушиш?“. E aјде де, кој ја излажа. Сама се излажа, самотијата ја излажа. Осаменоста. Тагата. Депресијата. Солзите. Потребата од пријател на кој ќе му ги каже маките, стравовите, тајните. Ете кој ја излажа. Слабоста ја излажа. Немоќта да се соочи со реалноста. Да ги победи стравовите.

Ни таа не сакаше, момент на слабост беше. Сите имаме такви моменти. Моменти кога не знаеме кои сме, што сме, што правиме. Кога плачеме над сопстевната судбина, изгубени и напуштени од сите. Лутаме, се движиме, а појма немаме каде одиме. Сè околу нас се руши, мислиме дека сме најосамените и најмизерните суштества на планетава. Во тие моменти некои посегнуваат по циграи, други по дрога, алкохол, трети одат и подалеку.
Беше среќна што колку толку во тој момент успеа да остане присебна и посегна само по цигарите.
Можеби, ако тогаш имаше некој покрај неа да ја прегрне, само да ја прегрне ништо повеќе, немаше да добие желба за цигара. Но, немаше. Никој. Зошто? Затоа што таа ги избрка. Ги отурна од себе оние што ѝ значеа и што ги сакаше. Беше подготвена да направи сè за нив, но таа само ги повреди. И токму поради големата љубов кон нив, не побара прошка, не се извини, не побара извинување. Ги пушти да си заминат, за да не ги повредува повеќе, за да бидат среќни.

А таа? Таа ќе се теши со никотинот. Ќе дозволи да ја уништи уште повеќе, да ја распарчи.
Еден ден одејќи накај училиште несакајќи наслушна еден разговор. Две постари жени, стоеја, пушеа цигари и нешто разговараа. Додека поминуваше покрај нив ја слушна едната како вели: „Цигарите знаат сè! Знаат кога плачеш, знаат кога пееш, знаат кога си радосен…“. Се насмевна и продолжи понатаму. Требаше ова да го слушне многу порано.

Навистина цигарите знаат сè!
Другите ѝ викаа: „Остави ги дури си уште на почеток, после ќе ти биде потешко.“. Но, таа некако не сака да ги остави, сега тие и се пријател и партнер. Извор на радост, среќа и насмевки. Еднаш низ муабет на другарите им рече: „Ќе престанам да пушам кога ќе си најдам љубов…“. Не си најде. Ако сега некој ја праша дали сака да престане да пуши, сигурно ќе му одговори: “Да. Ако успеам да поправам некои грешки од минатото. Ако некогаш ги вратам поддршката, довербата и љубовта од другарките кои ги оттурнав. Ако се вратам назад 2 месеци. Ако биде сè по старо, никогаш, ама баш никогаш повеќе нема да запалам цигара.

Автор: Драгана Ангелова


Вашите дела ги очекуваме на diary@ilike.mk. Ви благодариме!



Оставете коментар

Вашата е-маил адреса нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

*