Top
Сè за кофеинот

Сè за кофеинот

Кофеинот е супстанца која стимулативно делува на централниот нервен систем. Кофеинот го има во кафето, во различни видови на чаеви, чоколадо и некои од безалкохолните пијалаци. Исто така е дел од состојките на некои лекарства, како на пример некои анелгетици, лекарства за мигрена и антихистаминици.

УПОТРЕБА
Кофеинот ги прави луѓето да се чувствуваат будни и помалку поспани, а воедно ја подобрува координацијата. Понекогаш кофеинот се вклучува во диетите на спортистите со цел да се подобрат нивните физички перформанси.
Едно испитување покажало дека луѓето кои наутро пијат кафе имаат помалку проблеми со меморијата во текот на денот. Кофеинот комбиниран со некои други аналгетици ефикасно се користи во третманот на мигренозни главоболки бидејќи им помага на овие лекови побрзо и поефективно да делуваат. Тој исто така се користи во комбинација со антихистаминици за да ја намали поспаноста предизвикана од овие лекови. Кофеинот се користи и при третман на некои други состојби, вклучувајки ги проблемите со дишењето кај новородените и доенчињата после некој хируршки зафат.

ПРЕПАРАТИ И ДОЗИРАЊЕ
Дневната доза на кaфеин внесена преку медикаментите кои се издаваат без рецепт не треба да е поголема од 200мг на секои три до четири часа дневно, за возрасни и деца постари од 12 години. Кај таблетите со продолжено дејство дозата е 200–250 мг. еднаш дневно, и не треба да се земаат помалку од шест часа пред спиење. Кофеин таблети не се препорачуваат кај деца помали од 12 години.

МЕРКИ НА ПРЕТПАЗЛИВОСТ
Треба да се избегнува прекумерно земање препарати на кофеин кои се издаваат без рецепт и да се внимава колку се внесува кофеин во форма на кафе, чај и пијалоци. Кофеинот не може да го замени сонот и затоа не треба да се користи постојано како сретство за да се биде буден, затоа што може да доведе до сериозни нарушувања на спиењето, како на пример инсомниа.
Луѓето кои користат големи количини на кофеин во подолг временски период развиваат толеранција кон истиот. Во тој случај нив им се потребни се поголеми дози на кофеин, а тоа доведува до зависност, па доколку лицето наеднаш престане да конзумира кофеин, се јавуваат сиптоми на апстиненција, како главоболки, замор, поспаност, прозевање, иритабилост, повраќање. Овие симптоми можат да траат и по една недела.
Доколку кофеинот се зема непосредно пред легнувањето, може да предизвика нарушување на сонот.
Меѓу народот е познато дека кафето помага за отрезнување, но тоа не е точно. Напротив, комбинацијата на кофеин и алкохол предизвикува наузеа и повраќање.
Постарите лица можат да бидат посензитивни на кофеин и затоа поверојатно е кај нив да се јават одредени несакани дејства, како иритабилност, нервоза, анксиозност и проблеми со спиењето.
Исто така, според некои испитувања, треба да се води сметка за внесот на кофеин кај лица со инсулин зависен дијабетес, затоа што кофеинот ја намалува сензитивноста на инсулинот за 15%.
Сите кои имаат алергии на храна, бои, конзерванси или други компоненти како аминофилин, дифилин, теофилин, треба да се консултираат со лекар пред да почнат со употреба на кофеин.
За време на бременоста, кофеинот може да премине и во циркулацијата на фетусот. Иако нема докази дека кофеинот предизвикува аномалии на фетусот кај луѓето, докажано е неговото несакано делување на фетусот кај лабараториски животни на кои им се давани многу високи дози на кофеин кои се еднакви на околу 12 до 24 чаши кафе. Кај луѓето постојат докази дека дози на кофеин поголеми од 300мг во текот на денот можат да предизвикаат проблеми со срцевата работа на фетусот, па дури и абортус.
Исто така, и жени кои дојат треба да внимаваат на внесот на кофеин. Бебиња чии што мајки внесуваат кофеин повеќе од 600мг на ден имаат проблеми со спиењето и се иритабилни.
Кофеинот може да предизвика проблеми кај луѓе со следниве медицински состојби: пептичен улкус, срцеви аритмии, прележан срцев инфаркт, висок крвен притисок, инсомниа, анксиозност, агорафобија (страв од отворен простор) и ПМС.

НЕСАКАНИ ЕФЕКТИ
Во граници на препорачаните дози, кофеинот може да предизвика иритабилност, нервоза, главоболка, вртоглавица и повраќање. Во повисоки дози од препорачаните, можно е да предизвика агитација, анксиозност, конфузност, сензации на светкање во очите, невообичаена сензитивност на допир и на други сетила, зуење во ушите, често мокрење, мускулни контракции и тремор, аритмија, црвенило на лицето и конвулзии.

ИНТЕРАКЦИИ
Употребата на кофеин со други лекарства може да предизвика несакани и можни сериозни ефекти. Одредени лекови интерферираат со метаболизмот на кофеинот во телото, како на пример, орални контарцаптиви кои содржат естроген, мексилетин (антиаритмик), циметидин, дисулфирам, пропранолол и квинидин.
Кофеинот има влијание и врз апсорпцијата на железото, па затоа лицата кои користат суплементи на железо треба да ги земаат барем еден час пред или два часа после употребата на кофеин.
Сериозни несакани ефекти можат да се јават доколку кофеинот се зема во кобинација на фенилпропаноламин (деконгестив), во вид на покачен крвен притисок. Исто така многу сериозни проблеми со срцето можат да се јават во комбинација со МАО инхибитори. Овие лекарства се користат за третман на Паркинсонова болест, депресија како и некои други психијатриски состојби.
Лицата кои користат кофеин треба да се консултираат со лекар или фармацевт за тоа кои средства можат да предизвикаат сериозни несакани дејства доколку се употребуваат заедно со кофеинот.
Исто така и лица кои користат стимуланси на ЦНС треба да внимаваат при употреба на кофеин, затоа што и тој самиот е стимуланс.

Автор: Д-р Дарко Стојановски




Оставете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>