Top

Текст без име

Голема е веројатноста дека овој текст не требаше да биде започнат. А, еве од кога веќе започнав се прашувам и зошто да не би? Дури ниту за соодветен наслов не можам да се сетам, но затоа во едно сум сигурна – ОВА МОРА ДА БИДЕ НАПИШАНО!

Некогаш тишината прави да се чуствуваш уморно, а веќе во следниот миг да заиграш танц со сопствениот спокој и мир. Дали ви се има случено ова? Мене да. Не велам не, бидејќи искреноста во некои моменти е пресудна за оние кои следуваат допрва. Можам да вртам во круг, можам да се качувам по безбројните скалила и да велам дека никогаш не сум се вратила назад… дека никогаш не сум го сетила падот преку кој сум се запознала со несвестицата… падот од кој едностано сум заборавила да го чуствувам дури и сопственото тело… Она кое последен пат го видов приклучено на инфузија жедно примајќи ја таа чудотворна течност. И што потоа?

Затворени очи и длабок мрак во кој како некој проклет магионичар живееш во оптичка илузија. Замислен свет и ете ти ја „Алиса во земјата на чудата“. А, да беше толку лесно. Да можев барем еднаш да ги отворам моите очи и да ја стиснам силно раката на моите ближни. Да можев да ја голтнам секоја нивна солза и да плачам како дете. Немирно дете. Детето кое беше задоволно од сè, а сега наеднаш се претопува во ништо. Детето кое премногу брзо отиде во прегратката на бурното море. Замина… и остана само име кое некогаш постоеше.

Ехх, младост. Ти си само една бурна реакција од многу несоодветни супстанции. Но, експлозијата која ја предизвикуваш е толку чудотворна, што дури и оваа, веќе приказна со крај, може да го премота својот филм и да започне од почеток. Но, зарем младоста е вистинскиот преродбеник? Не, животот е. Оној, кој не учи како да станеме феникс. А, зарем не сме силни за да го направиме тоа? Зарем не сте? Јас велам да, да, ДА!

Сето она што се случува потекнува од нас самите. Доброто, злото… тие се само придружнички на мисот наречен совршенство – а совршенство не постои. Па зошто враќањето на некое скалило надолу да го сфатиме толку сериозно и трагично. Зарем вреди? Тоа е само патот кој мора да го поминеме за да стигнеме онаму горе кај успехот. Упорноста е она што ни треба. Можеби не се живее од неа, но дефинитивно помага да се надминеш себеси тогаш кога веќе и си заборавил дека постоиш. Барате љубов? Не барајте ја, бидејќи таа е во децениска потрага по вас. Зарем не ја забележавте досега? Некогаш очите не сакаат да ни дозволат да видиме одредени работи. А, верувајте тоа е нивен заговор на нашата несигурност. Не може се да се случи одеднаш. Доколку ништо не се случува тогаш не мора да велиме дека е мрак. Доколку ништо не слушаме не мора да биде тишина. Едноставно, тоа сте вие. Тоа сум јас. Човечко суштество кое трча маратон, иако нема доволно кондиција за таа работа. Тоа сме сите ние. Оние кои запознавајќи се себеси го запознаваат својот живот. Стравот и откажувањето се само микрони во полето со светли идеи…

За крај ставам три точки кои ја означуваат бесконечноста. Сепак треба да размислиме како ќе ги искористиме…


Доколку пишувате проза или поезија и сакате да ја објавите на iLike.mk контактирајте не на contact@ilike.mk | Автор на Текст без име“: Деспина Ристова

Станете наш facebook фан.




Оставете коментар

Вашата имејл адреса нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *