Top
Majka-iLike-mk

Тажна животна приказна: Осумте лаги на мојата мајка

Нашите мајки честопати не ја зборуваат вистината. Тие постојано нè „лажат“ во важни моменти од животот. Мојата мајка ме излажа дури осум пати…“ – со овие зборови едно момче започнува да ја раскажува својата животна приказна.

Прва лага: Приказната почнува со моето раѓање. Роден сум како син единец во сиромашно семејство. Сиромашно до таа мера што немавме доволно храна, а не па нешто повеќе. Мајка ми подготвуваше скромен оброк и секогаш дел од нејзината чинија префрлаше во мојата велејќи: „Јади сине, јас не сум гладна!“.

Втора лага: Кога малку пораснав, мајка ми после завршувањето на домашните обврски ќе отидеше до реката надевајќи се дека ќе успее да улови некоја риба за мене, за да се хранам здраво и да се развивам како останатите деца. Еден ден успеа да улови две риби. Ги приготви и ги стави во мојата чинија. Јас ја јадев едната риба, а мајка ми ги јадеше ситните остатоци залепени околу коските. Гледајќи го тоа, срцето ми затрепери и втората риба ја ставив пред мајка ми, а таа ми одговори: „Сине изеди ја ти и другата, знаеш дека со сила јадам риба!“.

Трета лага: Дојде ден да тргнам во училиште. Бидејќи немавме доволно пари, мајка ми почна да продава облека одејќи од куќа до куќа. Една студена и дождлива ноќ предолго се задржа. Се загрижив и излегов да ја барам. Ја видов како носи торба на грб и оди од куќа до куќа за да ја понуди робата. И реков, ајде мајко, одиме дома, доцна е и студено. Ќе продолжиш утре. Таа се насмевна и ми рече: „Сине мој, па јас не сум уморна!“.

Четврта лага: Дојде ден кога требаа да се полагаат испити. Иако беше премногу жешко, мајка ми сакаше да дојде со мене во училиште. Влегов внатре, а таа ме чекаше во училишниот двор. Кога завршив со испитите, излегов во дворот, а мајка ми ме дочека со топла мајчинска прегратка, полна љубов и милост. Во рацете држеше ладен сок кој го купила за мене. Кога почнав да пијам, ја погледнав и видов крупни капки пот како се слеваат на нејзиното лице. И го подадов шишето и ѝ реков: „Пиј мајко!“, а таа одговори: „Не сине, напиј се, не сум жедна.“.

Петта лага: После смртта на мојот татко, мојата мајка живееше многу тежок живот како вдовица. Ја презеде целата одговорност за куќата, едноставно мораше да се грижи за сè. Животот стана уште потежок, а ние често гладувавме. До нашата куќа беше куќата на мојот вујко. Многу добар човек. Честопати нѝ помагаше. Кога соседите видоа дека ситуацијата станува неподнослива, ја советуваа мајка ми да се премажи за еден богат човек од нашето маало кој би нѝ помогнал во животот. Меѓутоа, мајка ми го одби советот со зборовите: „Јас немам потреба од љубов.“.

Шеста лага: Пo завршувањето на факултетот, добив добро платена работа и одлучив да се грижам за куќата. Со оглед на тоа дека здравјето на мојата мајка се влоши и повеќе не можеше да продава облека по куќите на богатите луѓе, почна да продава зеленчук на локалниот пазар. Кога одби да престане да работи, издвоив дел од мојата плата за да ѝ дадам, а таа ме одби велејќи: „Чувај ги сине твоите пари, јас имам сосема доволно за себе.“.

Седма лага: Успеав да магистрирам. Напредував на работа и моите приходи се зголемија. Потоа ми понудија одлична работа во Германија. Се израдував и почнав да сонувам за нов и среќен живот. Откако заминав и се средив, ја повикав мајка ми да живее кај мене. Таа не сакаше да ми пречи и рече: „Сине, не сум јас навикната на таков живот. Мене супер ми е тука“.

Осма лага: Како што времето одминуваше, мајка ми старееше и еден ден дознав дека боледува од рак. Во тешките моменти некој мораше да ѝ помага. Оставив сè и се вратив дома. Ја затекнав во постела. Кога ме погледна се обиде да се насмевне и да стане, но не успеа. Срцето ми се кинеше гледајќи ја така изнемоштена и слаба. Тоа не беше мојата мајка што ја познавав. Солзи ми се слеваа по лицето, но таа и тогаш сакаше да ме утеши велејќи: „Сине, не плачи, јас не чувствувам болка. Здрава сум!“. Откако го изговори тоа, ги затвори очите и никогаш повеќе не ги отвори…

Затоа чувајте ги своите родители и радувајте се на секој миг поминат со нив!




Оставете коментар

Вашата имејл адреса нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *