Top

Најслатките усни на светот

Се појави неочекувано, без шум, без звук. За момент се запрашав дали е само продукт на мојата фантазија, уште една фатаморгана која мојот мозок ми ја прикажува со цел да ме залаже и макар на кратко да ми ја задоволи желбата и потребата да го видам блиску до мене. Немаше да биде прв пат. Со ноќи го сонував покрај мене, со денови го барав неговиот лик помеѓу луѓето. Понекогаш ќе го најдев, само на кратко, да ми се насмевне или едноставно без збор да ме одмине. И да остави уште една празнина позади себе, која ќе конфлуира со многуте претходни продлабочувајќи го амбисот во кој живеев веќе три години. Амбис, во кој тој безмилосно ме турна и ме остави да скапувам на неговото влажно и студено дно. Амбис, од кој не успеав да најдам излез бидејќи секој обид за спас заврши со уште подлабоко пропаѓање и посилно разочарување. И болка. Бескрајна, исцрпувачна, неиздржлива болка. Болка, каква што никогаш порано не сум почувствувала. Како шуплина која постои во моите гради и ми го одзема здивот, оставајќи ме на работ на смртта. Болка која ме држи доволно жива за безуспешно да страдам во бескрајна агонија, молејќи да ме снема, само за болката да престане. А, таа никако да престане.

Но, тој момент помина. Стоеше пред мене премногу долго за да биде привидение. Совршен како што никогаш во своите мисли не успеав да го замислам. Со неговиот поглед од кој срцето ми прескокнуваше, тежок, долг, напнат и сконцентриран само на мене. Тој негов поглед ме доведе онаму каде што сум сега и ме претвори во она што сум сега. Никаде и ништо. Ама, знаев дека не е овде за да ми ги објасни своите постапки и дела. Нешто му требаше, некаква услуга. Не знам што беше тоа, но не ни беше важно. Тој беше овде, покрај мене и тоа беше доволно за сите огни повторно да се запалат и да блеснат во целиот свој сјај, посилно од било кога пред тоа.

Никогаш претходно не сме биле вака блиску, сами, без никаков звук околу нас. Дали ме чекал, дали ги прател моите чекори во оваа темна ноќ за да ме пресретне на само неколку метри од мојот дом? Не знаев, а не ни сакав да знам. Не беше важно зошто е овде, кога веќе е овде. Само тоа сознание ја окупираше секоја мисла и секоја клетка на моето тело. Никогаш не ја дознав вистинската причина за неговото појавување, бидејќи не му дадов можност да објасни. Му се доближив со глад каква не сум почувствувала порано. Ме привлекуваше како магнет, како најсилна дрога, како најслатко искушение. Усните му се придвижија, но моите уши не слушнаа што кажа. Бев обземена со неговото присуство. Видното поле ми се намали, само тој постоеше на целиот свет. Сега и овде. Подоцна можеби ќе го снема. Подоцна можеби ќе се разбудам. Затоа сега ќе биде мој, без разлика на цената која ќе ја платам и последиците кои ќе ги трпам. Ги оставив сите принципи, сите правила. Се оставив себеси и како диво животно кое бесно трча кон својата цел, така и јас се втурнав по она што го посакував толку долго и толку силно. Најслатките усни на светот. Амброзијата на боговите. Мирот за мојата напатена душа. Усни нежни како кадифе, со најсмирувачкиот мирис на светот. Топли. И цврсти и меки. Совршени.


Доколку пишувате проза или поезија и сакате да ја објавите на iLike.mk контактирајте не на contact@ilike.mk | Автор на Најслатките усни на светот“: Дарија

Станете наш facebook фан.




Оставете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>