Top
Shizofrenija-iLIke-mk

Премногу болна исповед на еден 24-годишен дечко болен од шизофренија

До неодамна важеше правилото дека шизофренијата е болест која ги зафаќа повозрасните луѓе, кои веќе се во одминати години од животот. Но, многу млади луѓе патат токму од оваа психичка болест која е далеку поболна од физичката болка.

Фактот дека не се познавате самите себеси ве убива. Уште повеќе боли фактот што не се сеќавате на работи кои сте ги правеле. Се плашите да се пожалите бидејќи знаете дека околината ќе ве оцрни и никогаш повеќе нема да ве гледа со исти очи.

Даниел Смит имал само 24 години кога се разболел од оваа болест. Своето болно искуство го опишал на порталот vice.com, со цел да ги мотивира луѓето да го сменат мислењето за оваа болест и да ја подигнат својата свест.

Текстот ви го пренесуваме интегрално:

Пред една година не можев да се препознаам самиот себе. Прво ми се промени спиењето. Потешко заспивав. Како еден 24-годишник, тоа ретко ми беше проблем, па затоа ми беше чудно. Лежев во кревет без да можам да го „исклучам“ мозокот и да спијам.

Мислите постојано ми се испреплетуваа како лозите кои се испреплетуваа меѓусебно. Некогаш ја покривав главата со ќебе и си шепотев: „Заќути, заќути!“. По некое време заспивав, но се будев со чудно чувство, како да сум заборавил нешто да направам или да кажам некому нешто.

Исто така, чувството за глад ми беше изразено. Во нормални околности, сакав да појадувам штом ги отворам очите. Сега, почнав да се будам со болка во желудникот, но продолжив да живеам како ништо да не се случува, па затоа не паничев.

Продолжив да работам во локалната винарија и се трудев да го потиснам она што ми се случуваше навечер. Преку ден се чувствував нормално, но кога ќе се потсетам на тој период сфаќам дека не можев да водам наједноставни разговори.

Кога шефот ми кажуваше да проверам нешто, ми требаа неколку секунди да сфатам што ми зборува, како двајца или тројца луѓе истовремено да зборуваат. Тоа беше како чувството кога си изгубен во маглата и се обидуваш да видиш што има пред тебе. Сè ми беше нејасно. Постојано мислев дека работите кои ме опкружуваат ќе паднат. Ќе погледнам во полицата со шишиња и гледам дека две шишиња ќе паднат, но во следниот миг тие си стојат сосема нормално.

Често слушав и ѕвонење на телефон, иако во складилиштето немаше телефони. И пак, не паничев. Сите кои ме прашуваа дали сум добро, само кажував дека не сум спиел добро и навистина мислев дека тоа е вистинската причина за моите проблеми.

Недостатокот на сон може да им направи навистина чудни работи на луѓето. Еден колега од работа ми даде пилули за спиење и ми се чинеше дека ми делуваат. Наскоро престанав да излегувам и да играм фудбал за време на викендот. Само сакав да спијам. Потребни ми беа два месеци да сфатам дека со мене навистина нешто не е во ред, дека јас не сум тој.

Хаосот во мојата глава стануваше почуден и почуден од ноќ во ноќ. Го вклучував телевизорот и не можев да сфатам дали звукот што го слушам доаѓа од телевизорот или од мојата глава. Една ноќ додека ја гледав серијата „Homeland“ имав нешто што во тој момент го сметав за паничен напад.

Во креветот почнав да се тресам како кога е ладно, но мојата кожа беше жешка. Во глава ми се мотаа врисоци, како толпа на луѓе да разговараа под мојот јорган. Ништо драматично – само константна, збунувачка бучава. Кога го исклучив телевизорот, почнав да го губам разумот.

Таа ноќ не спиев. Се чувствував парализирано. Вратата од собата ми изгледаше како крај на мојот свет. Бучавата доаѓаше и си одеше, но делуваше како некој или нешто да го заменил мојот дух и тело.

Не се плашев да одам до тоалет да уринирам, но таа вечер уринирав во празна чаша која подоцна ја истурив на креветот. Ја тргав постелнината за да се почувствувам целосно гол на душекот. Не бев јас тој кој посегна по скалпелот за да си ја повреди ногата од очај. Во таа соба, додека сонцето изгреваше и алармот кој требаше да ме разбуди за работа заѕвони, си помислив – ми треба мајка ми.

За среќа, таа е еден кат оддалечена од мене. Не успеав да се иселам од родителската куќа бидејќи тоа не можев да си го дозволам. И заѕвонив на телефон, затоа што помислив дека цревата ќе ми излезат ако станам. Се јави и кажа: „Господе, Даниел, престани да се шегуваш!“. Почнав да плачам како детенце, кога слушнав како мама го фрли телефонот.

Кога ја отвори вратата – врисна! Не се сеќавам дека тоа го направив, ама изгледа дека сум ги расклопил сите далечински управувачи, а ги имав вкупно четири. Душекот бил прекриен со урина и крв. Седев во долна облека и само и кажав дека сум „опседнат“. Мајка ми повика брза помош.

Повторно, не се сеќавам на тој дел. Но, кога дојдоа болничарите мислев дека ме фотографираат. Многу се налутив и сакав да ги удрам. На еден од нив му викав дека е противзаконски да ме фотографираат, додека седев во мокри гаќи и крвави нозе.

Сè што се сеќавам е патот кон болницата и како мама ми ги држи нозете на креветот, но таа вели дека тогаш сум бил бесен и не сум сакал да одиме по автопатот бидејќи таму имало камери. Сеќавањето на болницата ми е исполнето со безбојни блицови, игли, гласови и врзани раце.

Сите овие случувања се дел од психотична епизода, која е карактеристична за акутна шизофренија – болеста која ја имам. Психозата се дефинира како губење на контакт со реалноста. Може да се случи брзо или како што е случај со луѓето болни од шизофренија, постепено, но потоа наеднаш да експлодира.

Тоа е она што мене ми се случи!

Бев во болница околу 10 дена и веднаш добив антипсихотични лекови. Ни на тој период не се сеќавам, бидејќи постојано ми се лошеше и ми беше тешко да комуницирам со другите. Се сеќавам на денот кога се враќав во реалноста, кога новите хемикалии кои ги пиев изгледа го пронашле својот пат во моето тело и ме правеа само да лежам и да спијам.

Патот до заздравувањето беше полн со дупки. Имено, имав напади на паника секогаш кога се сеќавав што ми се случувало. Меѓутоа, лекарите беа неверојатни, ако ги заобиколиме неколку медицински сестри кои се однесуваа со мене како кон бебе. Го мразев тоа.

Кога конечно ме пуштија од болница, ми беше непријатно да им се јавам на пријателите. Мислев дека нема да ме разберат или уште полошо – ќе ме прогласат за луд. Како само се прелажав за тоа.

Еден по еден почнаа да се јавуваат, а по шест недели јас почнав да ги посетувам. Секогаш чувствувам непријатност кога телевизорот е попуштен повеќе од што треба или кога сите зборуваат во исто време, но тогаш само им кажувам дека чудно се чувствувам. Никој не ми се смее, ниту ме сожалува.

Почнав да одам на терапија кај еден многу директен човек по име Грег. Антипсихотичните лекови некогаш многу ме забавуваа, но ми дадоа чуден мир, кој не го чувствував со месеци. Грег ми помогна да разберам што се случило и ме научи на техники кои треба да ги применам кога и да забележам доаѓање на панични мисли, како онаа ноќ кога пукнав. Тој вели дека не треба да размислуваме за тоа како губиме разум, бидејќи разумот сеуште е тука, само е болен.

Ме убеди дека оздравувањето е можно и дека лековите делуваат, но морам да бидам реален и да го разберам фактот дека се разболев. Само потребно е време. Најголем предизвик ми беше прифаќањето на тој факт. Како што научив – фрустрацијата е најблиску до анксиозноста.

Повремено се запрашував зошто не можам да бидам нормален. Морав да станам, да вдишам длабоко неколку пати и да си кажам на глас: „Јас сум сосем нормален! Само се разболев и сега се одмарам!“

Десет недели по нападот повторно се вратив на работа. Шефот имаше разбирање и ѝ рекол на мајка ми дека работата ме чека, кога и да оздравам.

Помина цела година и нападот не ми се повтори. Морам да ги земам лековите уште долго, но тоа го прифаќам. Имам некоја мала желба за секс и малку сум здебелен, но тоа се ниски цени за бистар ум.

Сакав да ви ја раскажам оваа приказна, бидејќи додека станував шизофреничар, тој збор ми звучеше како смртна пресуда. Кога слушате дека некој се разболел од шизофренија, го замислувате во тапацирана соба. Мислите дека цел живот ќе слуша гласови и ќе гледа ликови. Тоа е далеку од вистината, ако ја добиете вистинската помош. Со вистинските лекови, особено консумирани на време, можете одлично да заздрави од акутната шизофренија и останатите ментални болести.

Реален сум! Можно е нападот пак да ми се случи и некогаш сум депримиран за тоа. Но, сега знам дека можам да оздравам, па тоа не ми е толку страшно. Повторно работам, се дружам, водам сметка за здравјето, играм фудбал, па дури бев и на одмор. Не сум спремен да се иселам од дома, но тоа веројатно е поради мрза, а не поради нешто друго.

На сите кои поминале низ некои слични симптоми им препорачувам дека треба да разговараат со некој. Со кој било. Немојте сами да се соочувате со она што ви се случува. Менталната болест не е ни малку поразлична од онаа физичката. Не се грижите за работата или за тоа дали шефот ќе ве разбере. Нема места за срам кога се обидувате повторно да го вратите менталното здравје.

Дури и кога не ви е до тоа, посетете лекар. Побарајте итен преглед, ако чувствувате дека ви се враќаат симптомите. Дури и ако ви изгледа смешно или претерано, разговорот со некој е најдобро што можете да направите.

Живееме во модерно време. Мора да престанеме да ги третираме менталните болести како една табу тема или нешто што засекогаш ќе нè обележи, а тоа мораме да го покажеме со свои примери.




Оставете коментар

Вашата имејл адреса нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *