Top

Есенска приказна

Утрово ме разбуди вресокот на еден лист кој асоцираше на паднат војник, младо војниче кое го изгубило штитот во одбрана против најодвратниот месец – октомври. Откако се освестив во мене почнаа да се раѓаат мисли како да се изнајде потребната сила за да се избави моево кревко тело од напливот на сива, безлична депресија, проткаена со нишки на сребрена љубов кон животот.
Си приготвив чај од мајчина душичка и го приклештив погледот кон полускршеното стакло од стариот прозорец од мојата студена соба. Луѓето кои поминуваа покрај мојата улица имаа тажни лица, исполнети со жолтеникаво бледило и брчки од преголема загриженост како да се преживее денот со малкуте ситни парички во скинатиот џеб. Ако животот е толку чудесен, зошто ни предизвикува болка која ни ги разјадува коските? Покрај заслепувачкото сивило на улицата, знам дека некаде далеку на нашата шарена планета луѓето живеат во совршена хармонија. Длабоко во одаите на мојата душа спие мислата дека единствен спас за нас е потрагата по совршена, чиста љубов. Дојдов до заклучок дека таму некаде на улиците ме чека некој странец кој ќе ми го врачи клучот од вратите на земскиот рај – блескавата среќа. Испиената голтка од чајот ми ги будеше убавите сетила и случајно моето лице заблеска со кралска насмевка. Животот и не бил толку лош, си мислам. Во мене царува мирот и би сакала да им објаснам на луѓето дека мирот е нектар за истоштените, стогодишни души. Љубов, љубов, љубов… ми се чини дека во нашиот јазик звучи најубаво. Можеби грешам, тој збор звучи сепак прекрасно во секој јазик, предизвикувајќи топлина во душата кога есента е најсурова. Сакам повторно да оживее љубовната магија во моето срце. Зголемено срцебиење и скокотливи пеперутки внатре во перитонеумот. Кога на персоната ќе и здодее декадентниот начин на живот таа сака да се заљуби. Да најде закрила во нечија прегратка, да влезе во светот каде сирените пејат и играат чудесен танц околу главата која се изморила од константна тага и осаменост. Самотија е принцезата која за свој дом го окупира тажното дете кое живее во секој од нас.
Ветерот ги подотвори вратите и некако најде влез до мојата соба, галејќи ми ги локните кои моментално немаат владетел. Додека тие копнееја по нов сопственик, тивко им прошепотив дека есенските ноќи се совршени за потрага по нов, интересен заводник за мојата жедна душа.


Доколку пишувате проза или поезија и сакате да ја објавите на iLike.mk контактирајте не на contact@ilike.mk | Автор на Есенска приказна” : Марта Пешевска

Станете наш facebook фан.




5 Коментари

Оставете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>