Top

ТВОЈОТ ТИН ИДОЛ: Виктор Апостоловски

Целиот живот на Виктор Апостоловски се врти околу музиката. Неодамна својата страст ја претвори во професија и сега е целосно посветен. А тука се и обожавателките, составен дел од животот на секој музичар. Виктор ги има во голем број, толку многу, што морал своите 5 фејсбук профили да ги избрише за да има време и за себе.



ОД ПЕЛЕНИ ВО СВЕТОТ НА МУЗИКАТА
Музичката приказна на Виктор започнала со неговото раѓање. Тој потекнува од музичко семејство, а пее од својата втора година. Како доказ за ова, во неговата архива постои видео материјал, кој, се надева, нема да се појави на YouTube. Пеел додека си играл надвор со другарчињата, на часовите во училиштето, додека седел дома на поставената маса за ручек, буквално во секоја можна прилика. А, на пеењето не гледал како на идна професија сe додека не се појавил “виновникот” за ова што е Виктор денес.

Бев седмо одделение, и наместо на улица, попладневните часови ги поминував вежбајќи на пијаното во нижото музичко училиште во Битола. Ми беше здодевно да ги свирам веќе превежбаните клавирски дела, се опуштив и почнав да свирам и да пеам нешто за своја душа. Паметам дека ја пеев “Излажи ме” од Тоше. Бев толку гласен и занесен во музиката, што не почувствував дека некој влегол во собата. Пеејќи, се свртив накај вратата и се сепнав. Таму стоеше средовечен човек, со малку коса, без неколку заби, слабичок, со блага насмевка. Тоа беше професорот Пеце Митревски, човекот кој им го покажал патот на многу македонски пејачи меѓу кои и Тоше. Јас тогаш не го познавав и бев многу засрамен и збунет. Тој седна на клавирот и додека свиреше побара од мене да повторувам по него. Кога завршивме, ме замоли да го повикам татко ми. Така ги слушнав првите комплименти за моето пеење, и тоа токму од професорот на Тоше. По долг разговор, тој му рече на татко ми “Ако ова дете не го запишете на соло пеење, ќе ја направите најголемата грешка во неговиот живот”. Тоа беа зборовите со кои почнав да ја пишувам мојата животна сторија поврзана со музиката и пеењето“.

Дали е само пеењето твоја страст или свириш и на некој инструмент (и колку добро го правиш тоа)?
– “На вториот роденден добив пластичен саксофон, на кој ги отсвирев првите тонови, потоа добив уште еден, па почнав да свирам на мал синтисајзер кој го имавме дома, па полека играчките ги заменив со инструменти. Татко ми виде дека имам желба и на осумгодишна возраст ме запиша во основното музичко училиште во Битола, каде што посетував часови по пијано. Веќе 12 години се дружам со овој инструмент и прилично добро ми оди. Бидејќи доаѓам од музичко семејство, секогаш сум бил окружен со музичари и со најразлични инструменти, а имав можност брзо и лесно да научам да свирам на гитара, бас гитара, да чукам на тапани… Овие инструменти не ги свирам толку добро како клавирот, туку за душа, како што самиот сум научил“.

ЕДЕН ОД МАКЕДОНСКИТЕ ИДОЛИ
Кратко време пред да се случи Идол, Виктор и неговите другари формирале уникатен бенд, со кој планирале да направат бум на нашата сцена. Момците свиреле на електрична гитара, електрична виолина, пијано и бит бокс, секаков вид популарна музика, хип хоп, поп, рок и слично.

Прилично добро ни тргна, но додека јас пеев и свирев пијано, некои членови на бендот не сакаа да работат, да се усовршуваат, да дадат малку повеќе душа и да се вложат себеси во работата. И тогаш, едно утро добив повик од А1 телевизија, ми кажаа дека сум пријавен на Идол и дека аудицијата е следниот ден. Влегов во шоуто и стигнав до топ 20, па и во најдобрите пет и веќе знаев дека мојот музички пат ќе продолжи на сосема друг начин и во друга насока“.

По Идол животот му се сврте за 360 степени и веќе ништо не е исто. Сите го препознаваат, секаде е добредојден, имаш поволности кои пред тоа ги немал, и, вели, тоа е супер.

Но, славата си има и своја тежина. Немам приватен живот, немам одмор, немам оправдувања. Но, имам само 20 години, во одлична форма сум, физички и психички, па не гледам никаква потешкотија во предизвиците кои следат“.

Кој беше поразочаран кога “испадна” од шоуто – ти или твоите обожавателки?
– “Дефинитивно моите обожавателки. Луѓето кои го работеа овој проект и останатите учесници ме опишаа како “најсреќниот испаднат кандидат во целото шоу”. Идол е една игра, дружење и училиште кое никогаш нема да го заборавам. Бев таму со цел да покажам што можам и што знам и го направив тоа. Не бев разочаран, постигнав многу повеќе од она на што се надевав. Имам голем број фанови кои безусловно ме поддржуваат, добив понуди од скоро сите продукциски куќи во државава и милион други поволности“.

Знаеш ли колку автограми имаш поделено, со колку фанки се имаш сликано?
– “Можеби сум кратко на македонската сцена, но навистина е невозможно да го знам бројот на автограми и слики со сите мои фанови. Го следат секој мој чекор и секое мое појавување во јавноста резултира со часови потпишување и сликање, кое ретко кога се одвива во ред и мир“.

А, колку ФБ профили имаше штом реши сe да избришеш и да ставиш на една фан страна? Целосно се откажа од фејсбукот или имаш профил со лажно име само за твоите пријатели?
– “Од ФБ се откажав целосно. Имав три профили, па морав да направам уште два, но поради огромните обврски што ги имав, не можев да одговорам на сите 15.000 пријатели што веќе ги имав, така што решив да ги деактивирам профилите и да функционирам преку мојата фан страна. Бидејќи ФБ не ми дозволуваше да ги деактивирам, веројатно заради преголемиот број пријатели, морав целосно да ги избришам. Морам да признаам, конечно сфатив колку е убав животот и без ФБ. Дел од моите фанови и пријатели негодуваа, бидејки на фан страната нема инбокс, нема можност за приватни пораки. Но, бидејќи имав преку 160 лажни профили, т.е. луѓе кои се претставуваа во мое име и бидејќи беше невозможно да ги контролирам сите профили сам, ова беше единствениот начин сите мои фанови да ги соберам на едно место, од каде подеднакво ќе можам да му посветам внимание секому, колку што ми дозволува слободното време“.

YOU WERE MINE
Виктор соработува со Валентино Скендеровски, а резултат на тоа е песната “You Were Mine” која ја пее на англиски јазик.

Во последно време, сите што пишуваат песни на македонски јазик користат англиски или зборови од други јазици, а и народот е навикнат да ја слуша музиката наметната од западните земји. Доколку една иста песна се изведе на англиски и на македонски јазик, секој Македонец ќе се согласи дека англиската звучи некако подобро. Причината е леснотијата на изговарањето на текстот, милозвучноста на јазикот или навиката да слушаме англиска музика. Всушност, “You Were Mine” е снимена на англиски бидејќи сметавме дека луѓето се навикнати да ме слушаат со англиските песни кои ги изведував на Идол. Мислевме дека во таква форма полесно ќе ја прифатат. Не одиме на никакво освојување странски пазари, ние упорно твориме и даваме сe’ од себе, никогаш ништо не форсираме. А, доколку тоа што го создаваме се слушне и на странските музички пазари, тогаш навистина сме завршиле добра работа“.

Песната доби и спот, а главната женска улога ја има Ева Скендеровска. Хмммм, се роди ли хемија меѓу нив двајца на снимањето, или само добро глумат пред камерите?
– “Ева е прекрасна девојка, но меѓу нас нема ништо повеќе од искрено пријателство. Огромен период од моето време поминувам во студиото на нејзиниот татко, па често се гледаме и се дружиме, но ништо повеќе од тоа“.

ВО СВЕТОТ НА БАЈКИТЕ Т.Е. ЉУБОВТА

Имаш ли девојка? А симпатија?
– “Девојка немам, а симпатии имам… повеќе“.

Какви девојки ти се допаѓаат? Што забележуваш прво кај нив?
– “Никогаш не сум имал конкретен тип на девојки кои ми се допаѓаат. Без разлика на бојата на очите, косата, висината, убавината, тоа што прво ми паѓа во очите е харизмата која ја поседува некоја девојка“.

Имаш многу фанки… што треба да направи некоја од нив за да стигне до твоето срце?
– “Сите тие се веќе во моето срце, секогаш се тука за мене и ми носат некоја енергија, сила која ми помага во она што го работам. Секогаш ќе ги носам во моето срце“.

Паѓаш ли на романтика, љубовни филмови, тажни песни? Или користиш нешто од ова само за да ја освоиш девојката што ти се допаѓа?
– “Па да, навистина сум роматичар во акција и сакам кога девојката обрнува внимание на тие работи. Многу љубовни филмови се режираат во мојава потсвест, а тажните песни, оние кои содржат некоја таква порака, секогаш допираат до мене. Кога е во прашање освојувањето девојки, немам посебна тактика, јас сум само она што сум, секогаш природен, отворен, искрен и, фала Богу, до сега не сум згрешил“.

Дали си Дон Жуан?
– “Ха, ха, не, не, не! Виктор Апостоловски ми е доволно“.

Целото интервју можете да го прочитате во печатеното издание на ТАА.

Станете наш facebook фан.




Оставете коментар

Вашата имејл адреса нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *