Top

Денес е Светски ден на прегратките

Дали знаевте дека 21-ви јануари е Светски ден на прегратките? Овој ден за првпат е одбележан уште во далечната 1986-та година во САД, а веднаш потоа се проширил и во останатиот дел од земјината топка.

Денот е именуван како: Ден на прегратките, Светски ден на прегратките, Ден за прегратки. Значењето на овој ден се пронаоѓа во мирот, односно мирот во светот треба да го започне секој од нас, најпрво со прегрнување на своите најблиски. Освен тоа, овој ден има за цел да му помогне на секој поединец да ги искажува своите чувства и во јавност.

Зошто баш 21-ви јануари?
Овој датум се наоѓа помеѓу Божиќ и Св.Валентин (католички ден на вљубените кој сè повеќе го празнуваат и православните христијани). Докажано е дека во овој период луѓето се емотивно празни, а прегратката е одличен начин за поттикнување позитивни чувства. Истражувањата покажуваат дека француските парови се прегрнуваат три пати почесто од американските. Токму затоа започнал да се одбележува овој ден во САД, а оваа идеја им се допаднала и на другите земји.

Резултатите од бројни студии покажуваат дека прегратките се важни и имаат позитивно влијание врз психичкото и физичкото здравје на луѓето. Прегратките го подобруваат функционирањето на имунолошкиот систем, го намалуваат ризикот од развој на срцеви заболувања, го намалуваат нивото на стрес (посебно кај женската популација). Љубовните парови кои се прегрнуваат барем 2 секунди имаат значително повисоко ниво на хормонот окситоцин. Овој хормон се ослободува за време за оргазам и предизвикува чувство на поврзаност, задоволство и нежност. Една прегратка и десетминутно држење за рака имаат еднаков ефект – ги намалуваат стресот и нервозата.

Сигурно сте слушнале и за FREE HUGS. Непозната личност држи натпис FREE HUGS и секој кој сака може да ѝ пријде и да ја прегрне. Оваа кампања ја започнал австралијанецот Juan Mann, во 2004-та година бидејќи се чувствувал лошо. Само една прегратка направила да се чувствува многу подобро и тогаш се сетил дека би можел да им помага на луѓето, нудејќи им прегратка. Кампањата е одлично прифатена, а се одржува во многу земји, меѓу кои се вбројува и Македонија.

Денес е супер ден за прегратка, нели? И утре и задутре, гушкајте се!




Оставете коментар

Вашата имејл адреса нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *