Top

Уметникот Иванчо Талевски со изложба на “Бит Фест” – Битола

Македонскиот уметник, битолчанецот Иванчо Талевски, сабота во 20 часот ќе се претстави со своите дела во изложбениот простор при Завод и Музеј – Магаза во Битола. Изложбата претставува дел од манифестацијата “Бит Фест” во Битола која се одржува секоја година.

Се работи за 12 најнови графики кои Талевски ги има работено во последните две години. Изложбата ќе биде отворена една недела, со што љубителите на уметноста ќе можат подолго да уживаат во делата на Талевски.



Иванчо Талевски неколку години живее и работи во Филаделфија, САД. Дипломирал на “Maryland Institute College of Art”, а магистрирал на школото за дизајн на “University of Pennsylvania”. Тој е активен уметник и веќе 4 години предава на Универзитетот Пенсилванија (University of Pennsylvania) и Универзитетот Темпл (Temple University – Tyler School of Art) во Филаделфија.
Како ценет уметник, Талевски често е поканет како предавач или критичар на други ликовни школи низ САД. Многу пати своите дела ги претставил на изложби во Итернационалниот Центар за графика во Њујорк каде можат да се видат графиките на досега најпочитуваните уметници и најсовремените изрази од графиката денес. Иванчо во својата кариера како уметник е добитник на медал на Биеналето во Гуанлан, Кина во 2009 година, трикратен добитник на грантот “Елизабет Гриншилдс” (Elizabeth Greenshields) од Канада за фигуративна уметност во 2001, 2006 и 2009 година, добитник е на престижниот грант “Полок Краснер” (Pollock Krasner)од Њујорк и многу други признанија и награди.

Делата претставуваат реакција кон конкретни мисли и идеи. Тие се израз нa дадена шанса за приказ на идеи: пишани мисли, народни умотворби и поговорки, комунизмот, капитализмот, улогата на идеологијата, национализмот, Бог и смртта. Делата се прашања. Поголемо внимание е посветено кон оформување на прашањата , затоа што не постојат само погрешни одговори, туку и погрешни прашања, прашања кои влијаат на текот и моменталната состојба на општеството. Мене ме интересира зашто работите се како што се. Во делата се трудам да воспоставам однос помеѓу фугуративното и конкретните црни површини со сугестивна смисла на форма кои во исто време сугерираат присуство и отсуство на форма. Фигуративните елементи се изработени од имагинација, а дел се базирани на опсервација. Последните 13 години сум ги поминал во САД. Далечината од местото на раѓање и “големиот простор” за оформување на индивидуата во Англо-саксонскиот едукативен систем ми има дадено можност да имам поголема дистанца од елементите на мојот национален идентитет и мојот однос кон родената земја. Исто така голема провокација за интензивно навраќање кон елементи од македонски мисли и идеи е и самата политичка и историска ситуација на Македонија. Ваквата специфична, но и “изопачена” моја состојба, константно ме преокупира и иницира прашања: Што е дом? Што претсатвува идеaта за дом? Што воопшто значи човек да прашува што е домот? И дали постои дом?” – вели Иванчо Талевски.

Оваа есен Центарот за графика од Филаделфија ќе се претсавува со неговите дела на саемот за графика “Editions/Artists Book Fair” кој ќе се одржи во Њујорк.

Кликнете ТУКА за да ги погледнете нашите денешни содржини.

Станете наш facebook фан.




Оставете коментар

Вашата имејл адреса нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *