Top
Alma-Maler-iLike-mk

„Алма Малер“ отвора нов театарски простор во Македонскиот Народен Театар

Секогаш ќе ја поврзувам со начини на кои личниот талент се мултиплицира и станува след од таленти. Севкупност која значи нови значења кои му даваат повисока смисла на основното значење. Единственост. Јас ја имав таа привилегија да ја препознаат уметници кои со текстот живеат свои животни квалитети, свои особености, свои уникуми – подеднакво во човекова и уметничка смисла.

„Алма Малер“ во огледалната сала на МНТ со премиера на 28-ми јануари.

Продуцент на проектот е Верче Пецева, по афинитет и суштина – боја, форма и значење, академски сликар кој ја предводи Арт-Маркетинг како иновација во поимањето, создавањето и живеењето уметнички производи и нивно издигање до брендови, приказна која започна со „Дневникот на Хулиганот“ и која сега продолжува со “Алма Малер“ и која со сигурност ќе продолжи со затворени приказни кои немаат крај.

Режијата е на Васил Зафирчев, чие уметничко обликување во време и простор на „Алма Малер“ за мене значи раснење и надраснување на суштините кои текстот сам по себе ги поседува, надградување на квалитетите кои се читаат и кои стануваат визуелни принципи за живеење, подеднакво едноставни во својата спектакуларност и исто спектакуларни во својата едноставност.

Насловната улога ја толкуваат Ѕвезда Ангеловска и Милица Стојанова.

Секогаш имам проблем кога по овој процес треба да зборувам за актерската особеност на Ѕвезда и Милица. Мојот проблем е крајно личен, субјективен. Искуството да се работи со актерки како Ѕвезда и Милица, за мене значи проширување на ивиците кои ја опфаќаат зеницата; како да добив некое свое невидливо око кое за мене значи иднина во промислувањето театар. Благодет пред сè. Чест пред сè. На крајот од процесот на создавање на „Алма Малер“, мене ми остануваат нивните очи. Очи во кои човек може да го изгуби, одново да го најде и да го прогласи за подобар светот на својата уметност и да сфати дека личниот свет секогаш вреди заради препознавањата на чувствата. За мене, Ѕвезда и Милица значат изострување на сопствениот начин на чувствување, негово продлабочување, негово издигнување преку границите на театарот како медиум – затоа што тие двете, Ѕвезда и Милица, за мене се повеќе од медиум преку кој текстот станува производ. Тие за мене се принципи преку кои стигнав поблиску до себе.

Костимите се на Тања Кокев, која на свој автентичен начин ликовно му даде живот на карактерот; карактер без визуелен идентитет е теорија, а преку образите кои Тања ги залепи за карактерите – тие стануваат жива материја која има форма, облик, мирис, димензија и на крајот – безвременско време.

„Алма Малер“ е моја втора книга која како издавач повторно ја потпишува „Култура“. Моите издавачи ја имаат таа особеност која ги одделува во македонското издаваштво – ја негуваат својата добро позната традиција преку афирмирање сериозни уметнички суштини, а не хартија ставена меѓу корици. Во таа насока, можам да најавам дека третата книга е веќе во подготовка.

Конечно, „Алма Малер“ ја посветувам на секое женско собитие, без разлика на биолошката форма, само затоа што љубовта не подразбира форми, туку се занимава со суштини кои имаат сила да го променат светот во секоја смисла.




Оставете коментар

Вашата имејл адреса нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *