Top

Еволуција на филмскиот бакнеж

Во денешно време скоро и не постои филм или тв серија каде не е присутен бакнежот како акт на изразување љубов, дури и во оние со најсурови тематики постои барем една романтична сцена, која го ублажува дејството и му дава одредена доза на реалност и нежност. Веќе сме толку навикнати и рамнодушни кон бакнувањето, голотијата и интимните сцени на филм, што воопшто не ни паѓа на памет дека таа еволуција на филмското платно била еден долг процес, пропратен со многу контроверзност и осудување. Имено, бакнежот за прв пат снимен и прикажан во историјата на филмот датира од 1896 година, во немиот филм “Бакнежот” (“The Kiss”). Филмот трае “цели” 47 секунди, од кои 30 секунди се резервирани за бакнување помеѓу главните актери May Irwin и John Rice. Можете да замислите колку осудување и негодување предизвикала оваа сцена и овој филм во јавноста и кај критичарите, меѓутоа ова било само почеток на една долга и непрекината еволуција на бакнежот, за чии достигнувања сме и самите сведоци, денес, во 21 век.



Во прилог погледајте ја компилацијата на најславните филмски бакнежи, почнувајќи од неговите основоположници May Irwin и John Rice.

Интересни факти поврзани со филмските бакнежи:

- “Kiss me, you fool!” оваа позната фраза настанала во далечната 1915 година од преубавата Теда Бара во филмот каде за прв пат е прикажано неверството на филмско платно – “A fool there was”.

-1916 год. – Првиот “хомосексуален” бакнеж на филм всушност е бакнежот меѓу Чарли Чаплин и Една Пјурвијансе, меѓутоа Една во сцената глуми маж за да најде полесно работа. Иако тоа е класичен бакнеж меѓу маж и жена, сепак во тоа време предизвикал многу негативни реакции.

- 1926 год. – Најголем број бакнежи во еден филм, оваа титула му припаѓа на филмот “Don Juan”, со главниот актер во таа улога Џон Баримор, кој во филмот своите колешки ги бакнал вкупно 127 пати.

-1926 год. – Првиот бакнеж со отворена уста и во хоризонтална позиција се случиле во филмот “The flesh and the Devil”, помеѓу главните актери Грета Гарбо и Џон Гилберт.

-1927 год. – Првиот бакнеж помеѓу двајца мажи на филмското платно претставува бакнежот на Чарлс Роџерс и Ричард Арлен, во филмот “Wings”, чие дејство се одвива во Втората Светска војна.

-1930 год. – Првиот бакнеж меѓу две жени на филмско платно е бакнувањето во филмот “Morocco” со познатата Мадлен Дитрих, која во една од сцените настапува во машки костум како пејачка во едно кабаре. Притоа, симнувајќи се од сцената, се приближува кон една од дамите во публиката, пристапувајќи и со реченицата “May I have this?” и на сечие изненадување ја бакнува истата во уста.

-1937 год. – Првиот бакнеж во анимиран филм е бакнежот во Дизниевиот долгометражен цртан филм “Снежана и седумте џуџиња” меѓу Снежана и нејзиниот принц.

-1941 год. е снимен најдолгиот бакнеж во историјата на филмовите; банкежот меѓу Реџис Томеј и Џејн Вајман во филмот “You’re in the army now”.

-1955 год. – Еден од најсимпатичните бакнежи во анимираните филмови е секако оној во позната класика “Lady and the Tramp”, додека јадат шпагети во романтична атмосфера.

-1959 год. – Заводливата Мерилин Монро во познатиот филм “Some like it hot” праќа бакнежи по воздух до своите гледачи при настапот во едно кабаре, настап кој е инспирација за познатата анимирана верзија на оваа старлета – Бети Буп.

-1961 год. – Познатиот бакнеж на крајот од филмот “Breakfast at Tiffany’s” помеѓу Одри Хепберн и Џорџ Пепард, ќе остане запаметен како еден од најубавите бакнежи на дожд. Сцената завршува со познатата песна “Moon River” чија мелодија се проткајува низ целиот филм.

-1963 год. – Енди Ворхол создава екпериментален филм со должина од 54 минути, во кој главна и единствена тема е бакнувањето прикажано во крупен кадар помеѓу голем број различни парови. Секоја двојка е прикажана како се бакнува во просек 3 минути, а понекогаш, заради крупните кадри, тешко е да се одреди од кој пол се паровите.

-1968 год. – Бакнеж меѓу човек и “мајмун”. Сигурно погодувате дека станува збор за првото издание на филмот “Planet of the Apes”, каде главните улоги ги играат Чарлтон Хестон и Ким Хантер.

-1974 год. – Бакнеж на смртта; во култниот филм “The Godfather” Ал Пачино (Мајкл Корлеоне) дознава дека братот Фредо Корлеоне (го игра актерот Џон Кавали) е предавник, па на прославата на Нова Година му приоѓа со зборовите “Знам дека беше ти, Фредо. Mи го скрши срцето!” (“I know it was you, Fredo. You broke my heart!”), после што притискајќи му го лицето силно со дланките го бакнува во уста. Значењето на овој сицилијански бакнеж е смрт.

-1983 год. – Бакнежот кој ќе остане запаметен е оној кој малата Герти (Дру Баримор) му го дава на вонземјанинот Е.Т. при нивното збогување, кога Е.Т. се враќа на својата родна планета. Овој култен филм на Стивен Спилберг воедно и ги отвори вратите на малата Дру Баримор да стане она што е денес, а самиот филм претставува остварување со најдобри ефекти во историјата на филмот до тој период, создавајќи ни ја притоа онаа класична претстава за изгледот на вонземјанин која до ден денес е присутна- големи очи и глава, долги екстремитети и прсти.

-1985 год. – Бакнежот помеѓу Лиза Вебер (актерката Ким Маерс) и Фреди Кругер. Имено во продолжението на овој класичен хорор филм од 80-тите “The Nightmare on Elm Street 2: Freddy’s Revenge” момчето на Лиза, Џеси (актерот Марк Петон) е опседнат од страна на Фреди Кругер, па бакнежот е единствен начин да го победи злото во него. Лиза го бакнува Фреди, повикувајќи го Џеси со зборовите “Знам дека си тука, врати ми се Џеси, те сакам!” (“I know you’re in there, come back to me Jesse, I love you!”).

-1990 год. Бакнежот на кој се сеќаваат и помладите генерации, помеѓу Патрик Свејзи и Деми Мур, во филмот “Ghost”. Моментот пред да оди кон светлината, духот на Сем (Патрик Свејзи) се појавува пред Моли (Деми Мур), ја бакнува за последен пат, притоа велејќи и: “Неверојатно, Моли. Љубовта во нас, си ја носиме со себе. Те сакам” (“It’s amazing Molly. The love inside, you take it with you. I love you”). Без сомневање, една од најромантичните и најемотивните сцени до тогаш снимени.

-1991 год. Првиот бакнеж помеѓу малите Веда (Ана Кламски) и Томас (Меколи Калкин) во “My Girl”. Детски, наивен, а сепак прекрасен бакнеж помеѓу двете 11 годишници. Што се случува понатаму, веќе знаете…

-1994 год. Бакнеж меѓу Тина (Камерон Диаз) и Маската (Џим Кери) во филмот “The Mask”. Необичен бакнеж со страст, дава одредена романтичност на целата комична сцена од овој филм, кој е надополнет со “катапултирање” на чевлите од нозете на Тина.

Автор: Вања Кочовска

Сакате да објавите статија на iLike.mk? Пишете ни на contact@ilike.mk.

Станете наш facebook фан.




Оставете коментар

Вашата имејл адреса нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *