Top

Промовиран Годишниот извештај за состојбата со сексуалните и здравствените права на маргинализираните заедници за 2011 година

Вчера, 19.04.2012 година, Коалицијата “Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници” одржа конференција за медиуми на која го претстави Годишниот извештај за состојбата со сексуалните и здравствените права на маргинализираните заедници за 2011 година. Збор на конференцијата зедоа Славчо Димитров, претседател на Коалицијата, Ирена Цветковиќ, проект координаторка на Коалицијата и Жарко Трајаноски, автор на Годишниот извештај.



Ова се главните заклучоци и увиди од Извештајот:

Во 2011 Министерството за здравство не ги исполни сите обврски кои произлегуваат од Законот за заштита на правата на пациентите – назначување советници, формирање комисии итн.
Министерството за здравство не ги надмина бариерите за отворање нови центри онаму каде што зависниците од дрога се принудени да патуваат големи растојанија за да земат терапија. Програмите за лекување се соочуваат со сериозни предизвици во затворените институции. Медиумите известија за неколку смртни случаи на зависници од дрога во 2011. Коалицијата побара детална истрага за сите смртни случаи во затворените институции кои се доведуваат во врска со употреба на дрога или со пациенти – зависници од дрога. Посебно загрижува проблемот со децата зависници од дрога на возраст под 16 години, честопати изложени на дискриминација од здравствените служби поради што се лекуваат во несоодветни здравствени установи или воопшто не се лекуваат.

Иако престана полициската практика на групно апсење на сексуални работници и присилно тестирање за ХИВ, полицијата продолжува да ги третира сексуалните работници како криминалци. Како криминалци се третираат дури и сексуалните работници кои ќе се охрабрат да пријават насилство во полиција. Социјалните служби не пружаат адекватна заштита на сексуални работници – жртви на семејно насилство, ниту пак соодветно ги истражуваат пријавите за сексуално насилство. Сепак, охрабрува тоа што одредени судии стануваат сензитивни за правата на сексуалните работнички кои побараа судска заштита по бројните повреди на нивните права во акцијата “Улична проституција” од 2009.

Лицата што живеат со ХИВ продолжуваат да се соочуваат со административни и правни бариери при остварувањето на правото на континуирана и адекватна медицинска терапија. Лицата со ХИВ јавно укажаа на случаи на одбивање на медицинска услуга, кршење на правото на доверливост на медицинските податоци, случаи на дискриминација од страна на социјални установи, и немање “никаков систем на социјална заштита и поддршка на лицата кои живеат со ХИВ, а се социјално необезбедени, незгрижени или отфрлени од општеството”. Особено загрижува владиното кратење на буџетски средства за превенција на ХИВ (наменети за здруженија), со што се доведе во прашање успешното спроведување на програмите за превенција од ХИВ на припадниците на маргинализираните групи.

И во 2011 година продолжи негативниот тренд во врска со правата на ЛГБТ-лицата. Македонија се најде на дното од листата европски земји во однос на почитувањето на еднаквоста кон ЛГБТ-луѓето. Иако Македонија нема проблем со “Сексуална ориентација и родов идентитет” во ОН, владата упорно го брани намерното бришење на сексуалната ориентација во законот за антидискриминација. Дискриминаторскиот однос на властите кон маргинализираните групи е видлив и во предложената “Национална стратегија за еднаквост и недискриминација”, која е фокусирана само на четири основи: етничка припадност, возраст, ментална и телесна попреченост и пол.

Коалицијата ја поздравува препораката на Собраниската комисија за еднакви можности за изготвување издвоена програма за сексуално образование која треба да се спроведе преку пилот-програма. Коалицијата во 2011 подготви стручна анализа на повеќе учебници (во кои хомосексуалноста се третира како болест, ментално растројство, ненормална појава, настраност, девијација, грев…) и побара нивно ревидирање. Коалицијата го поздрави решението на Комисијата за заштита од дискриминација со кое се утврди дискриминација во учебникот по “Педагогија”. Коалицијата ја поздрави и пресудата на Основниот суд со која активистката која пишуваше за дискриминацијата во учебникот по “Педагогија” беше ослободена од обвиненијата за клевета и навреда, со образложение дека ја афирмирала потребата од борба против хомофобијата. Коалицијата протестира и против дискриминаторскиот третман кон активистката на Филозофскиот факултет, каде што професорите (на чело со деканот) се солидаризираа со авторките по учебникот “Педагогија”.

Особено загрижува насилството, дискриминација и социјалното исклучување на трансродовите лица кои ќе се охрабрат јавно да зборуваат за прекршувањата на нивните права. Во Македонија сеуште не постојат медицински услови за третман на лицата кои сакаат да го променат својот пол, па тие се принудени да патуваат во други земји. Коалицијата ги повикува властите да ги отстранат сите медицински и институционални бариери и да овозможат остварување на сексуалните и здравствените права на лицата што сакаат да го променат, или веќе го промениле својот пол.

Кликнете ТУКА за да ги погледнете нашите денешни содржини.

Станете наш facebook фан.




Оставете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>