Top
ljupka-ana-marija-elena-staff-2-iLike-mk

СТАФ: „Креираме патувања од соништата кои се паметат!“

Денес имаме особена чест да Ви претставиме три млади, но мошне амбициозни и успешни девојки – основачи на туристичката агенција „Стаф“.

Ана Марија за себе вели дека е решителна и одговорна, Елена се опишува со зборовите перфекционист и емотивец, а пак, Љупка е преокупирана со својата работа и повеќе отколку што е потребно.

  • Здраво Љупка, Ана Марија и Елена. Прво кажете нѝ како сте и кои три зборови најдобро го отсликуваат Вашиот карактер?
Љупка Алексич - Ангова

Љупка Алексич – Ангова

Љупка:

Здраво, супер сме, фала на прашање. Мислам дека ќе биде позабавно секоја од нас да каже за останатите две. :)
Елена е љубезна, посветена и одговорна, а Ана Марија дисциплинирана, позитивна и амбициозна.

Ана Марија Алексова

Ана Марија Алексова

Ана Марија:

Љупка е креативецот и идеалистот во тимот, а Елена најдобро нè презентира во јавноста поради нејзината природност и шарм!

Елена Ангеловска

Елена Ангеловска

Елена:

Ана Марија е онаа која нè одржува фокусирани кон целите поради нејзината способност за лидерство, а за Љупка е карактеристично што со неа мошне лесно се комуницира и секогаш наоѓаме заедничко решение. Ја опишувам како личност на која што можам самоуверено да ѝ ги претставам своите идеи и заедно да ги усовршиме и реализираме.

  • Како дојдовте до идеја за основање на туристичка агенција?

Љупка:

Како од шега, спонтано. :)

Ана Марија:

Секоја од нас има образование кое добро се вклопува во оваа работа. Mеѓутоа, на ниедна од нас не ѝ бил сон да работи во туризмот. Некако случајно сите се најдовме на ист пат и исто место, едноставно добро соработуваме заедно, се разбираме и се дружиме. Така што кога дојдовме на точка во животот на која сите бевме невработени – идејата едноставно стана неизбежна да се реализира.

Елена:

Долго зборувавме на темата со Ана Марија и правевме планови. Бидејќи Љупка се пресели во Словенија, кога се собравме трите во Скопје за роденденот на Ана Марија имавме многу теми за да надокнадиме. Па, така се отпочна и темата за идни планови на секоја од нас, прво почнавме да фантазираме, а веќе следниот ден донесовме сериозна одлука.

  • Која од Вас го смисли името на туристичката агенција, која беше задолжена за логото, а пак, која го креираше прекрасниот ентериер на Вашата канцеларија?

Љупка:

За името и логото имавме две напорни брејнсторминг сесии, но на крајот идеjата за двете дојде од четврто лице тесно поврзано со нас, кое ја знае нашата приказна. За канцеларијата работевме буквално сите, наши пријатели и членовите на нашите семејства.

Ана Марија:

Точно така, значи два дена по неколку часа размислувавме за различни предлози. Кога го слушнавме името STAFF, веднаш го почувствувавме како наше.

Елена:

Без многу двоумење се одлучивме за името не само затоа што многу реално ја опишува нашата приказна, туку и поради неговата универзалност, со што на некој начин се зголемува свесноста за брендот. На пример, сите водичи од останатите македонски и странски агенции носат маици на кои пишува STAFF! :)

office-staff-grafit-iLike-mk-F

  • За што е задолжена Љупка, кои се обрвските на Ана Марија, а што работи Елена во т.а. „Стаф“?

Љупка:

Јас сум задолжена за маркетингот. Kако во однос на продажба, така и за градење на имиџот на брендот и во секоја друга смисла. Исто така обожувам да истражувам нови дестинации за нашите продукти и ги пишувам програмите за секој од нив. Секако нашите обврски се преплетуваат и сите поголеми одлуки ги носиме заедно.

Ана Марија:

Јас најмногу водам грижа за административниот дел. Активно комуницирам и ги припремам договорите со сите соработници и секако многу време поминувам на терен како придружник на патниците.

Елена:

Јас раководам со букинг одделот односно делот за резервации, припрема на патувањата во секоја смисла како и сите обврски што доаѓаат од делот односи со јавност. Бидејки сум најмногу време во канцеларија ги управувам и обврските на останатите вработени односно продажните агенти и промотери.

  • Засега реализирате патувања само на островот Крф. Ќе можете ли накусо да ја претставите Вашата 7-дневна програма на посетителите на нашиот веб-сајт?

Љупка:

Да, бидејки почнавме со летна сезона наш избор беше островот Крф, кој добро го познаваме. Во 7-дневната програма патниците имаат можност да доживеат различни искуства, што од посети на различни краеви на островот, што од забави… ќе оставам подетално да раскажат и другите.

Ана Марија:

Програмата ги вклучува најпопуларните туристички дестинации на островот кои ги посетуваме преку ден, а навечер организираме различни тематски забави во баровите и клубовите кои се наоѓаат на Ипсос, бидејќи таму ги сместуваме нашите патници. За секое место има обезбедено специјални понуди и попусти за нашите клиенти кои ги добиваат со покажување на STAFF картичката, а која ја добиваат бесплатно.

Елена:

Оваа година одлучивме екскурзиите за посета на плажата Глифада и турата во градот Крф да ги вклучиме во цената на аранжманот бидејќи сметаме дека секој треба да ги посети. Останатите екскурзии кои се факултативни и по избор ги презентираме на инфо состанок со патниците веднаш по пристигнувањето во Ипсос.

  • Знаеме дека голем број пати сте го посетиле Крф. Па, според Вас, кое место од островот го носи епитетот „омилено“ и топло би им го препорачале на посетителите на iLike.mk?

Љупка:

Хмм… тешко би одбрала едно, но еве можам да препорачам никако да не ја пропуштат Палеокастрица и Ла Грота Барот кој мене ми е омилен, Градот Крф и плажата Глифада.

Ана Марија:

Се согласувам со Љупка за Палеокастрица бидејќи има прекрасна природа и многу места кои вредат да се посетат и се од историско значење. И мене ми е едно од омилените места, а целиот залив е наречен бисерот на островот. Би го спомнала и излетот со брод како едно релаксирано и забавно доживување од кое патниците секогаш се враќаат задоволни.

Елена:

Јас лично уживам во песочните плажи и во релаксирано кафе со убава музика во позадина. Така што, кога би била јас на одмор дефинитивно најмногу време би поминувала на плажата Глифада.

  • По која интересна случка ќе го паметите ова лето?

Љупка:

Немаме доволно време да ги раскажеме сите. :)
Секако дека ги има многу, во работата со многу луѓе тоа е неизбежно.

Ана Марија:

We don’t kiss and tell! Ќе мора да присуствувате на повеќе забави со нас за да дознаете. :)

Елена:

Имаше многу моменти на смеа и исполнетост што ги споделивме со патниците и по пат и на Крф, како и со сите наши соработници таму. Еве ќе споменам една ситуација на Сидари кај каналот на љубовта. Таму секогаш се случуваат неочекувани, романтични и возбудливи работи, како на пример обидот на една девојка да се удави, за да може симпатијата да ја спаси. :)

  • Речиси сме на крајот од летната сезона. Кажете нѝ колку сте задоволни од досегашните тури?

Љупка:

Никогаш нештата не излегуваат идеално како што ги планираш, но ние сме луѓе што ќе најдат задоволство во работата, дури и да сме имале по некој неуспех. Но, за среќа, мислам дека сите патници се задоволни и за нас нема поголема награда од тоа.

Ана Марија:

Секако дека сме презадоволни затоа што почнавме од ништо и за брзо време со ограничени услови го реализиравме сонот и секако ги исполнивме ветувањата кон патниците.

Елена:

Се согласувам со моите партнерки и морам повторно да напоменам, нема поубаво чувство од она што ти го носи сознанието дека сите клиенти се задоволни и после секое патување продолжуваат да се дружат и едвај го чекаат нашиот следен проект. Звучи малку нескромно, но е вистина!

  • Кои се Вашите следни планови и дестинации со кои ќе ја збогатите понудата на Вашата туристичка агенција?

Љупка:

Сега почнуваме со кампања за есенското патување во Прага, под слоганот #IROCKTHISCITY, кое ќе биде во октомври и веќе оваа седмица сите ќе можат да ја разгледаат понудата на нашата веб страна staff.mk. Потоа, имаме план за луд дочек на нова година, изборот на дестинации сеуште се крчка, но најверојатно топката ќе падне на Амстердам и секако неизбежното зимување во шармантното Банско.

Ана Марија:

Уште сега ја планираме новата летна сезона, со збогатена програма, повеќе денови на островот како и нова летна дестинација која ќе биде исто така привлечна за младите авантуристи.

Елена:

Да не ја заборавиме ексклузивната понуда за Тенерифе која ја имаме за септември и октомври, за оние кои сакаат да уживаат во летото подолго и секако пролетната сезона ја резервираме за нови романтични дестинации. Така што во план нѝ е неколкудневна тура за Италија.

  • Секој од нас сонува да посети некоја дестинација на планетава Земја. За кое место сонувате Вие?

Љупка:

Бали и Индија.

Ана Марија:

Можам да бирам? :) Бора Бора!

Елена:

Дефинитивно градот Рим, а може и Палма Де Мајорка.

  • И за крај, зошто нашите посетители да ја одберат токму т.а. „Стаф“?

Љупка:

Мислам дека сме „единствени“ во односот и грижата кон нашите клиенти. Секогаш бараме начини да им овозможиме што повеќе доживувања за цената која ја плаќаат и секако и за она што не го плаќаат. Тие гестови нѝ се уште по драги.

Ана Марија:

Освен тоа, во повеќе наврати сме кажале дека со самото тоа што ние сме млади, и три различни карактери, сметаме дека добро ги познаваме желбите и потребите на младите луѓе што сакаат да патуваат и да се забавуваат, па соодветно на тоа создаваме програми и цени за сечиј вкус и џеб.

Елена:

Би додала дека по сè што сме поминале од лично работно искуство и приватно, сме сфатиле дека приоритет мора да нѝ биде среќата на клиентот. И искрено понекогаш нема кој да нè запре во идеите, што повеќе би направиле за да бидеме уникатни.




Оставете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>