Top

Андреј ДНК: „Што сака нека биде“ ја отпеав за една девојка

Се сеќавате на него како водител на една летна емисија во 90-те, како дел од К-15 Шоуто и како водител на емисијата “В Сурат”. А, најдобро го знаете како потивката половина од Р&Б дуото ДНК.

Андреја Ѓеорѓиески, дечкото кој својата публика ја остави без здив преку моќниот вокал кој го извади од себе во новиот албум на ДНК, “Срце”.

Емотивно и искрено, за посетителите на iLike.mk, за себе, за музиката, за Њујорк, за девојките…
Андреј од ДНК!

Андреја Ѓеорѓиески

Албумот “Срце” го промовиравте пред нецел месец, а веќе брои рекордна гледаност на јутјуб каналот буквално на сите песни. Колку си ти задоволен од целокупниот производ кој ДНК и го понуди на публиката и сметаш ли дека нешто можеше да биде поразлично (во однос на број на песни, дуети, гостувања итн.)?

Мило ми е што моите две омилени песни “Срце” и “Што сака нека биде” посебно вторава и “Старлета” се моментално најслушани песни од нашиот нов албум. Задоволен сум од целата шареноликост на песните и од реакциите на слушателите до сега.

Реакциите на публиката се одлични во однос на тоа како твојот вокал звучи на овој албум (многу поразлично од претходниот). Што мислиш ти за тоа? Како си задоволен од себе, од тоа што си го изработил? Имаш ли мотив за следна песна?

Јас отсекогаш и сакав да викнам и да отпеам со сета сила и срце, а Лазар Цветкоски тоа и го извади од мене, посебно со “Што сака нека биде”, што спаѓа во видовите песни какви што сакам да пеам и какви што тој ќе ми прави од сега па натаму!

Веќе кажа дека “Што сака нека биде” и ремиксот на “Авион” се твоите омилени теми од овој албум. Зошто токму овие? По што се издвојуваат од другите?

Едноставно и јас како и сите слушатели реагирам на албумот на ДНК некако, а посебно на овие две песни. Тие ми се омилени и тоа е стилот што сакам да го терам понатаму.

Панчо се јавува како текстописец на сите песни од албумот. Кога ти ќе се обидеш да напишеш стихови? Каква инспирација ти треба?

Верувајте имам и јас инспирација само што ја применувам како елан да отпеам поискрено и поемотивно, додека Панчо и Магдалена пишуваат текстови во кои голем удел има и она што ќе им го кажам како се чувствувам. Тоа се забележува особено во “Срце” и “Што сака нека биде”. Додека за другите песни Панчо направил одлични мелодиски линии и текстови што ме прави среќен затоа што конечно ги покажа неговите музички и текстувални афинитети и таленти.

Важиш за еден од ретките на естрадава кој е музички многу поткован. Како се надградуваш себе си? Учиш ли од некого, од некој светски музичар? На кого му се восхитуваш?

Не знам за кој што важам и колку сум музички поткован. Ниту се натпреварувам ниту сакам нешто да докажам. Се што знам е дека се што правам е искрено и дека музиката е се што сакам! Цел живот слушам музика, за среќа, да кажам каква што треба да слушам. Тоа ми е од татко ми, покрај него почнав да слушам рок, фанк, соул, блуз, а посебно класична музика и тоа Chopin, Claude Debussy, Schostacovih итн.

Што слуша Андреј од ДНК во слободно време, во автомобил? Имаш ли омилено ЦД? Омилена композиција која те релаксира?

Во последно време слушам компилација од 6 ЦДа – “The best of jazz”, подарок од брат ми кој исто така е музичар и актер, a омилени стилови му се џезот и блузот. Нешто што многу ме одмара додека патувам и возам низ скопските гужви.

Посетуваш многу концерти на врвни музичари. Кој ти оставил најголем впечаток?

Michael Camilo, еден од најдобрите кубански пијанисти во светот! Го гледав буквално пред мене во “Blue note” во Њујорк. Партали!

Постои ли настан (концерт, музички фестивал) за кој што жалиш што не си го посетил?

Има време за сè! Млад сум уште и верувајте дека ќе отидам и видам сè што сакам!

Со кој светски артист би сакал да застанеш на сцена и да отпееш нешто?

Chris Cornel и D’angelo… Со едниот сакам да викнам, а со другиот да отпеам на фалсет.

Минатата година го посети Њујорк. Каков впечаток ти остави градот кој никогаш не спие? Што најмногу те фасцинираше? Би живеел ли таму?

Главниот град на светот! Музика, уметност, ноќен живот, милијарда луѓе од цел свет од сите раси и нации на едно место… Нема нешто поубаво, сè е единствено и нема разлики! Тоа е она што го сакам! И да, би живеел таму затоа што баш таму човек може да биде тоа што сака да биде и да е вистински!

Панчо е татко на двегодишниот Андреја. Кога ти ќе го направиш тој чекор? Се замислуваш ли каков татко ќе бидеш?

Среќен сум за Панчо и за ангелот од син што го има, Андреја, кој дефинитивно кога ќе го слушнам и бубнам го буди во мене тој импулс на маж кој би сакал дете ко Андреја. Меѓутоа, за тоа е потребна мајка која ќе биде мојата вистинска љубов што до сега се нема појавено.

И, нешто што девојките би ги интересирало: која девојка би била вистинската за тебе – некоја кон која ќе чувствуваш огромна страст или пак некоја од која ќе добиваш топлина, поддршка и нежна љубов?

“Што сака нека биде” е песна инспирирана од една таква девојка од која ги сакав сите овие работи што ги набројавте, но не ги добив.


Станете наш facebook фан. Ви Благодариме!




Оставете коментар

Вашата имејл адреса нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *