Top
saso_dimoski_vernost_iLIke_mk

Верност

ПРВО ПИСМО
Тебе ти пишувам за јас да не застанам и за ти да не застанеш.
Не застанувај во лошата мисла која ти ја носи денот кој сам себе си натежнал. Не ставај го нашето време во сопственото невреме.
Види ме. Види ме во очите. Тука почнуваат и завршуваат сите околности за невреме. Фати се за една моја трепка и ќе испловиме. Jас и ти секогаш знаеме на која страна е брегот. Знаеме каде не треба да се оди.
Не застанувај тука. Една лоша мисла може да ги убие сите добри зборови. Една лоша мисла може да ти го нагризе животот и од него да направи рани во време.
Со тебе животот не смее да ми биде рана: јас и ти го излекувавме сопственото време, го исчистивме од погрешни часовници и го вративме во единствена состојба на будност. Така треба да течеме: во несоница вредна за мисла. Во благородност. Така да отидеме некаде далеку. Да отидеме секаде кај што не сме биле. Да видиме каква густина има воздуот на други места од светот. Да го помирисаме. Да знаеме зошто и каде различно мириса. Да ти ја мирисам кожата во присуство на друг воздух и да запаметам дека воздухот секаде мириса на твојата кожа, дури и онаму кај што не си – затоа што во моите ноздри се заспани сите совршени неправилности од дишењето на твоите ноздри, сите кодови на сите непознати и познати имиња кои ги среќавав.
Од твоето дишење направив мое значење; сфатив дека можам да те повредам само ако себе се повредам. И затоа понекогаш, во најтемниот дел од мракот, го удирав своето тело и го менував. Ти ми велеше дека мора да има неправилност, колку да биде совршено. Те гледав во мракот. Ти ме гледаше мене. Ти ме гледаше повеќе отколку што се гледав јас. И повеќе знаеше: јас молчев без збор, а ти зборуваше во тишина. Ги отворав широко очите за да го видам секој збор. Секој збор во мракот и низ мракот. Да го научам. За да знам да го зборувам. Потоа си зборувавме: со очите, со прстите. Со косата. Со прстите во косата. Со забите на усни. Цела историја на една љубов. На сите љубови.
Јас и ти почнавме како што почнува промената на годишните времиња, сосема пред зимата на пролет. Си ги препознавме студовите и топлините во нив. Јас видов дека мојот студ може да грее во твоето мрзнење, а твоите топлини да ги замрзнуваат моите огнови. И во круг еден за друг. Како штурци за песна, во зимата сред пролет, на мирисот од подот во твојот дом, во вкусот на бакнежот за нашето име.
Тебе ти пишувам за да запомнам: единствената тајна која ја криеме е онаа која сите ја знаат. Ист белег. Мојот, твојот, оној на другиот крај од светот, оној веднаш до засекогаш.
До засекогаш.

ВТОРО ПИСМО
Јас не можам да престанам да те носам во мислата, затоа што не можам да престанам да живеам. Во текот на денот, еден дел од мојот мозок е посветен само на твојот ден. На тоа како ти се случуваат часовите кога не си до мене. Кога не сум до тебе. Еден дел од мислата секогаш ми заглавува на твојот лик и во таа моја мисла го претпоставувам непознатиот распоред на твоето секојдневие; така ти ја чувствувам душата каде и да си, што и да правиш. Во ваквото носење, животот мене ми тежи олеснување и чинење добро. Во ваквото носење, станувам добар за себе и продолжувам да раснам во некаква непозната димензија – затоа што твоето лице ми допуштам да ги знам нештата кои не знаев никогаш дека постојат.
Тебе не може да те има на друго место освен насекаде. Се останато би било празно трошење живот, а не живеење љубов. Затоа мораме. Мораме да си ги чуваме грбовите. Да си ги чуваме очите. Очите во главата. Во главата мислите. Во мислите сиот свет.

ТРЕТО ПИСМО
Ти ми застана во една песна. Во сите зборови од таа песна. Те гледав како што се гледа толкување распоред на ѕвезди: со затворени очи и со отворена душа, подготвен за конечното разминување меѓу денот и ноќта во тишината на твојата прегратка. Паднав во тебе. Ти падна во мене. Ни се преплетија мислите. Телата. Ни се преплетија сништата зад очите. И така гледавме јас и ти: со очите свртени кон опачината на животот и распознававме колку нијанси живот има во секоја боја која се случува. А ни се случуваа бои кои постоеја само за нас. Наши бои. Ги именувавме со буквите од твоето и буквите од моето име. Единствен свет, скриен далеку од видливоста која ја троши времето. Наш простор, намирисан со свети масла од тела, со вкусови длабоко под кожата, со вечност под ноктите.
Затоа ти ги гледам прстите. Секогаш само прстите. На нив никогаш не може да умре допирот; она што ми го виделе очите и она што ми го знае душата е вредно за умирање. Но, нашето е вредно за живеење. За моето може да се умре во секој миг. Но храброст е да се живее за твоето.
Ти ми застана во секоја песна. Песните никогаш не дотрајуваат. Не им се менува лицето. Не стареат. Не се трошат. Затоа ти единствено можеш да ми бидеш песна: она што останува кога нашето време ќе престане, кога ќе дојдат нечии други времиња. Небото ќе ги памети моите песни: растрчани по сводот, веднаш под месечината, загледани во сите места кај што сме оставиле вечност.

ЧЕТВРТО ПИСМО
Не можеш никогаш да ја претпоставуваш мојата љубов за тебе. Не можеш да знаеш колку таа те живее кога не си тука, колку само ги памети местата на кои твојата душа легнала врз мојата. Во оваа љубов, не можам да знам колку недостигаш, само затоа што јас си недостигам кога тебе те нема, ми недостига видливо среќно место во главата и една причина за будење. Во оваа љубов, ги носам твоите добри мисли на својот јазик и не ги говорам: добрината мора да се чува, колку срцето да го негува своето отчукување.
Каде погрешивме јас и ти? Заборавивме ли дека постојат сосем ситни, сосем невидливи настани во денот кои не смеат да се пропуштаат, кои мора да се бараат дури и кога ги нема, понекогаш и да се измислат? Заборавив ли дека среќата има еден животен орган- тишина која ги збира во себе зборовите кои се уште не се измислени? Заборави ли ти колку малку ми треба на моето дишење за да стане воздишка за која се умира и од која се живее?
Не можам никогаш со сигурност да знам каква е твојата љубов за мене. Можам да го знам нејзиниот вкус, нејзината добра и нејзината темна страна, можам да ја почувстувам каква што сакам да биде, но никогаш нема да можам да ја знам во целост.
Во ова утро, твојата и мојата љубов ги нарекувам будење; додека ми го галиш остатокот од сон врз лицето, сфаќам дека пропуштени работи се само оние кои сме сакале да ги пропуштиме и верувам дека тоа секогаш носи некаква среќа.
Постои место кај што среќата почнува и миг во кој среќата завршува, но среќата сама од себе не бара ништо. Тоа душата си го бара своето од внатре и човек мора да и го даде. Мора да ми го дадеш, за да знам дека го имам и за да ти го вратам назад еден ден. Еден ден кога среќата ќе помисли дека дошол мигот за таа да заврши.

ПЕТТО ПИСМО
Имавме пар години. Пар години, јас и ти. Имавме колку што допуштивме да имаме. Не сакавме повеќе. Секогаш можевме помалку. Беше доволно. Доволно, пар години, ти и јас, љубов и по некое ново чувство закачено за лицето. Сега ги закачувам одломките од она што остана после нас, некаква можна, залепена слика од скинати среќи. Скинати среќи како скинати животи кои треба да останат да се живеат. Не можам да знам како се живее среќно одново, по нови правила за среќа. Има ли среќата општи правила? Јас само знам дека времето поминато со нас, за мене беше единствено среќно време.
Пар години, јас и ти.
Еден ден здогледав друг човек на моето лице. Се прашав: што направив со своето време? Тоа по лицето ми беа траги од други луѓе, а не мои добрини. Во секоја бора препознава по некој настан и по некој човек. Мене ме немаше. Ме немаше на моето лице. Го вперив показалецот кон себе и реков- треба!
Ти седеше на метар од моето треба и знаеше што треба. Ме гушна за половината. Ме бакна на опачината од вратот. Почувстував како ми дишеш во косата.
Треба – рече.
Мора. – реков и се свртив.
Каде? – ме праша.
Некаде кај што морам сам за себе. – одговорив.
Имавме пар години, ти и јас. Пар среќи и пар лоши среќи. Мене останува да ми биде среќа една слика во главата. Една слика која одамна не постои.

ШЕСТО ПИСМО
Има некоја тага во мене. Тага од која боледувам кога мислам дека те нема. Која ми ги шири зениците како светлина и те барам секаде кај што те имало. Тага во гласот – кога ти го врескам името за да го чујам зборот во кој почнува моето име. Тага од која се умира и со која се живее за тебе, во која се живее со тебе и се преживува заради нас.
Ја негувам како најголема доблест. Ја нарекувам нужност во која ми живеат стравовите. Јас морам да се плашам од загуба, колку да ми живее она на прстите со кое ти ги будам деновите. Со кое те допирам и те доближувам до себе. Со кое те замислувам.
Има една тага во мене. Во неа се состојат остатоците од сите љубови кои ми ги виделе очите. Со таа тага, денес знам дека тажните ги сака среќата.
Ти само насмевни се.
Тагата тежи секогаш колку и насмевката.

СЕДМО ПИСМО
Стави ја главата на моето рамо. Направи дамка од себе врз мене. Дамка полна со живот и со вистина. Стави ја главата на моето рамо. Да ти направам перница која секогаш ќе ти ги чува сништата. Да ти направам дом од моето тело, исто како што правам храм од твоето. Верувај ми. Верувај ми. После нас секогаш останува само ние, каде и да одам, што и да правам, после нас останува само ние.
Чувај си ја душата од лоши гласови. Чувај ја од лоши луѓе. Не давај да ти ги видат очите, можат да ти го украдат погледот и да го однесат некаде. Стисни ги трепките. Чувај ги сништата зад нив. Не ги раскажувај – можат да се потрошат во некој збор.
Стави ја дланката на мојот сон. Стисни го. Нека ти остане по прстите.
Така секогаш ќе знаеш дека сништата се за да останат и за да се делат. За да бидеме јас и ти. За да останеме- на рамото, во душата, во очите, зад трепките.
За да си бидеме.

ОСМО ПИСМО
Ми недостигаш затоа што себе си недостигам. Ми недостигаат боите од твоите очи – за да ми живее денот среќни нијанси живот, а ноќта да ми заспива во црвени зраци на одземање здив.
Ми недостигаат твоите прсти меѓу моите прсти и воздухот меѓу прстите кој се лепи по кожата и заглавува во порите. Ми недостига воздухот во кој јас вдишувам, а ти издишуваш пред заспивање. Ми недостига заспивањето сред биењето на твоето срце и мојата рака врз него.
Ми недостига твојата кожа и начинот како нѐ покриваш со себе и нѐ виткаш во тебе. Ми недостига да се превртувам по твоите трепки. Ми недостигаат твоите трепки
Ми недостига да заборавам на часовникот и времето во него. Ми недостига времето и недостигањето единствено време за нас. Ми недостига измислен час меѓу стариот и новиот ден. Прост измислен час без време.
Ми недостигаш затоа што јас си недостигам.

ДЕВЕТТО ПИСМО
Сакам да ти ги дадам моите очи за да можеш да видиш што гледам во тебе. Што гледам со тебе. Да видиш како нé гледам. Колку светови постојат. Колку значат. Душата во очите и таа видена со нив. Око кое гледа невидливост затворена во еден живот. Само во еден живот, тој поделен, ти во мојата половина и ние во втората половина. Во мојот живот секогаш имало една твоја половина и една наша целина. Ти се содржиш во мене, исто како што мојата смисла стои во мене. Ти и смислата спиете под исто небо. Јас ве чувам. Ве раснам. Секојдневно ве носам по сите правилности и неправилности низ патиштата што живот значат. Кога ви недостигаат мали нешта, јас имам проблем со дишењето и ми застанува здивот: грижа за која се живее и од која може да се умре.
Тебе те сретнав во оној миг кога се разделува душата од телото и кога таа сама скита, барајќи ја својата непозната изгубеност. Ти ме виде. Во првото спојување погледи – јас дознав дека за живот треба само некој да те види онака како што сакаш да се видиш во среќно идно време.
Твоите очи во моите очи и моите очи во твоите очи.

ДЕСЕТТО ПИСМО
Каде и да одиш, држи ја среќата сосем отворена – колку да може некоја љубов да стапне во неа и да ти биде среќна љубов. Да те живее онака како што јас не умеев да ти ја живеам вербата во мене. Во секоја љубов има еден кој не може да чисти облаци над планини. Ти ја префлаше нашата планина од една во друга долина, а како што ги поместуваше ситните нешта од нашиот свет, така мене светот ми се менуваше во сите нијанси раснење. Стоевме како зачудени деца на кои им ја откриле тајната на раѓањето. Ти ме погледнуваше. Ме погледнуваше и ме гледаше – а во очите ти ги знаев застанатите часовници во нашето време на сонување. Со она меѓу едвај отворените трепки ми кажа една вистина: во овој живот, мене ми требаш за да се чувам од заборав.
Каде и да одиш, држи ја среќата сосем отворена- за да ти влезе друга среќа и твојата да расне. Да ти биде ден- исто како што јас бев ноќ за секое твое светло небо ветување.
Во мене ќе живееш со секое опкружување. Ќе те носам на грбот – исто како онаа планина за двајца, наменета за еден.

ЕДИНАЕСЕТТО ПИСМО
И по најдолгиот пат – јас секогаш имам само едно место за враќање, само затоа што душата често ми го напушта телото за да биде со тебе. Кога ја стигам својата душа, јас ти се враќам тебе и така секогаш сме на едно место. Јас и ти секогаш сме на едно единствено место кое е секое место во светот и секое никаде едновремено.
Отсекогаш сме зависеле само од себе: љубовта никогаш не може да престане да постои. Може да ги зазема сите можни облици, да се менува, но не може да исчезне. Мојата за тебе ја нарекувам раснење и ти ја гледам во очите; во секој еден поглед препознавам колку светови нé чекаат и колку места има за да бидат наши. Само наши места.
Во оној миг кога ќе престанат сите трки, јас и ти ќе знаеме како се стои со срцето и се мирува.
Во некоја градина, покрај некоја вода ќе ти ги прочитам сите писма кои годините ми ги напишаа по кожата. Тогаш ќе ти кажам дека срцето можеш да го потпишеш само со едно име. Јас ги потпишав своите немири со твоето име. Така настануваат молитвите: кога во едно име ќе се содржи еден збор кој ги обединува сите значења кои човек може да ти ги разбуди.
И по најдолгиот пат, мојата душа заспива со твојата. Секогаш те прегрнувам со кожа која ни остарела заедно. Те прегрнувам со цел сон. Сон кој се живее и сон кој настанува пред да ја испратам ноќта да нé покрие со сите значења кои денот треба да ги донесе.

Автор: Сашо Димоски

Сакате да објавите проза или поезија на iLike.mk? Пишете ни на contact@ilike.mk.

Станете наш facebook фан.




Оставете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>