Top

Писмо до неродени деца

И јас бев некогаш како тебе, иако сега можеби ти е тешко да поверуваш во тоа, некогаш и јас бев во твојата кожа, се чувствував дека светот е премал за било што, единствено со себе ги поврзував големите дела на обичните луѓе, верував во својата сопствена сила; некогаш и јас мислев дека никој не ме разбира, дека подобро би било на друго место да си го најдам животот. Но, за разлика од тебе, јас чекав да отпочнам да го живеам животот, долго време не сфаќајќи дека животот ми минува во исчекување на почетокот, а не во вистинско живеење, не во следење на своите сништа. Сега мислам дека ти го направи сето она кое јас посакував да го сторам, а тоа е да го живеам животот онака како што мислам дека треба, без нечии размислувања, убедувања, нечии фикции или нечие убедување во исправноста на нештата. Секојденвно се даваат шанси секому, само треба да се согледаат и да не се пропуштаат. За разлика од мене, ти знаеш да се смееш, а јас не умеев. Умеев само да се затворам во теснината на својата душа и да гледам длабоко, барајќи грешки и не увидувајќи ги своите сопствени, кои во тоа време воопшто не ни наликуваа на грешки. А светот околу мене се менуваше, се менував и јас, но единствено во себе и со себе, а не со другите околу себе и сето тоа заради вербата во својата особеност. Сега, додека ја гледам својата особеност, со сигурност ти велам дека особеноста може да излезе на површина единствено само ако умееш себе си да се убедиш во својата припадност и да преземеш нешто во врска со тоа. Од убедување никој не видел добро, туку само си ја полнел главата со разни мушички. Убедувањето, кога ќе биде направено на вистински начин, раѓа големи работи. Ти го направи токму тоа: дозволи твојата верба да те однесе некаде, да те направи нешто, да те промени за свое добро. Јас верував во убедувањето, но тука застанав и почнав да пишувам. И повторно погрешив: пишував за себе и за своите очи, испишав купови страници и ги гледав долго време. Така, сега можам да кажам дека моите животни томови никогаш нема да најдат место, бидејќи сега, од оваа перспектива, не ми е ни важно дали ќе видат светлина.
Кога прв пат разговаравме околу твоето заминување, уште пред да ми кажеш која е твојата намера, јас знаев, бидејќи бегањето е одлика на оние кои не можат да се пронајдат себе си и мислат дека на некое друго место, кога ќе се обидат да заспијат, ќе можат да сонуваат. Сонот е храна за душата, но важно е каква порака ќе ти испрати потсвеста додека се обидуваш да заспиеш. Имено, сите големи идеи доаѓаат во тој миг: кога човек е подготвен да премине во друга состојба, нештата ги согледува од многу аспекти, ги вага, ги проценува, презема нешто со себе си по однос на своите тежини и наоѓа некакво решение. За жал, за мене е сега доцна да ги следам своите одлуки, бидејќи моето време е на заоѓање, додека во твојот живот е пеколно пладне. Отсекогаш мислев дека има некаква чудна, речиси необјаслива поврзаност меѓу нас, а сега знам дека сум во право, исто како што знам дека ти ќе мора да го искусиш сето ова кое сега ти го кажувам врз своја кожа за да го прифатиш. Не можам да го променам тоа кај тебе, луѓето се менуваат единствено во посебни околности. Не велам дека треба да ме послушаш и да забавиш, напротив-треба само да се ита, бидејќи колку побрзо некаде ќе се стигне, толку побрзо се отвараат нови хоризонти од кои течат лиги. Така е секој ден, со секоја една мисла се раѓа мала идеја која потем нараснува и станува преголема, но ние немаме проблем со големите идеи, туку само со нивното реализирање. Јас своите не ги реализирав, додека ти веќе стори многу повеќе отколку јас со самиот факт што престана да чекаш да се случи нешто и ги зеде работите во свои раце. Тука се раѓа успехот: кога личното убедување ги надминува своите основни граници и станува некаков дел од колективот, кога се прифаќа и се умножува, кога се надоградува, кога се усовршува. Овде морам да те опоменам дека и претераното верување во себе не носи добро, бидејќи раѓа заблуди, тие потоа носат конфликти и главоболки. Затоа мора да се остане објективен, но секако-не апсолутно и по секоја цена.
Ова твое време (кое секако е дел и од моето) е мошне опасно за идеологии, но како и секое друго време впрочем, секоја идеологија наоѓа свој излез кон површината и или се прифаќа или се одбива. Бунтот против сопственото време е каприц на оние кои знаат да се однесуваат со себе по однос на своето припаѓање. Но, оние бунтови како што е мојот животен бунт се неважни, бидејќи се од лична природа и полни со нарцисоидност. Но од друга страна пак, секоја идеја е нарцисоидна на свој начин бидејќи произлегува од личната природа на оној кој верува во неа. Да, ти го кажувам токму она што го мислиш: треба да се знае како со идеите, а ти умееш да согледаш како човек треба да се однесува со своите, што мене никогаш не ми било силна страна. Мислам дека едаш разговаравме за тоа, дека добрите идеи се раѓаат во време на криза и или ја подобруваат ситуацијата, или пак ја влошуваат кризата. Од друга страна, кризите се производ на претераноста, бидејќи умерениот начин на справување со околностите никогаш не може да произведе криза, бидјеќи сам по себе подразбира баланс. Некогаш и јас не разбирав што значи умерено живеење, но сега можам да ти кажам дека секоја неумереност која води кон било која од двете крајни човечки точки го фрла човека во криза на личноста, понекогаш дури и во криза на припадноста или идентитетот. Од овој аспект, кризата води кон потрага по себе си, кон избавување од личната криза во која секој од нас запаѓа во одреден период од животот. Затоа мислам дека твоето бегство е начин за решавање на твојата криза, а во оној миг кога ќе го дистигнеш сопствениот баланс, ќе можеш да одиш кон своите идеи, да им се препуштиш и вистински да ги процениш. Во овој миг, најнеповолно е да се занимаваш со верување, туку треба да ги согледаш причинините заради кои тоа верување воопшто и постои, а доколку и натаму се убедуваш себе си во својата верба и доколку сметаш дека таа верба ќе изроди плод, тогаш оди напред, но нема никогаш да можеш да се заситиш, бидејќи секое реализирано верување ќе те однесе пред некоја друга мисла во која ќе сметаш дека треба да се верува. Во тоа созревање, ќе најдеш и ти мир, но гледај некако да го зачуваш, а не да бараш причини за неговото постоење, бидејќи во оној миг кога ќе го најдеш одговорот, мирот ќе го снема. Со мене завладеа мир дури откако расчистив со себе дека во мојот живот нема да се случи никаков грандиозен успех и дека најголемото нешто кое ќе го оставам зад себе е моето семејство, кое како што и знаеш, го формирав мошне доцна. Токму тоа доцнење се должи на мојата интимна потрага која сега веќе е завршена, а мојот баланс постигнат. Но, она кое тука е најважно-јас оставив енергија за да го живеам својот мир, не се истрошив себе си премногу, но и не правев нешта против својата волја, бидејќи кога се дејствува против себе, човек најмногу се троши. Не можам со сигурност да кажам дали и колку одиш против себе, не можам ни со сигурност да знам, но: внимателно! Немој да се доведеш себе си во ситуација кога еден ден ќе се завртиш и ќе кажеш: не вредеше. Мисли повеќе, дејствувај помалку, но немој да му се покориш на својот немир, покори го ти и создавај! Најважно е да создаваш. Тоа ќе те избави.

Со љубов,


Автор: Сашо Димоски

Сакате да објавите проза или поезија на iLike.mk? Пишете ни на contact@ilike.mk.

Станете наш facebook фан.




1 Коментар

Оставете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>