Top
Odamna-zapisano-iLike-mk

Одамна запишано

Ти не мора да одиш да ја видиш пустината. Па зар не знаеш ти веќе беше таму! Заедно ја гледавме огромната портокалово црвена топка како паѓа ниско до нивото на нашите стопала, а потоа се губи и настанува мрак.

Ти не мора да ги оставиш твоите отисоци по непрегледните песочни површини и да го слушаш звукот на тишината. На врелиот песок веќе е запишано твоето име.

Не мора ни да ја почувствуваш солената морска вода додека лежиш на обалата, а таа те милува по телото. Па морето тоа си ти заедно со моите солзи по тебе, претопен во неговата вечност.

Ти не мора да ги видиш делфините како безгрижно играат во морето. Јас ги видов во мојата безнадежна потреба по тебе, зошто делфини не постојат.

Не мора да ги видиш ни зелените оази, ни палмите со банани и урми, ни водопадите. Јас таму мојата оаза не ја најдов, но оставив траги, копнежи и желби. Те оставив во воздухот, заедно со мирисот на јасминот.

Таму ти ја оставив пораката да ми се вратиш.

И тогаш кога ти навистина отиде да ја видиш, пустината ти ги пренесе моите пораки. Дали се почувствува самиот себе? Дали го најде твоето име запишано на песокот? Дали ме најде таму мене, распната меѓу желбите и можностите, како ти го подавам моето срце, а ти не сакаш да го примиш.

Автор: Марина Митровска


Вашите дела ги очекуваме на diary@ilike.mk. Ви благодариме!



Оставете коментар

Вашата е-маил адреса нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

*