Top
Маска

Маска

Заборавена од најпотребните, уморна од светот, чекорев безволно по својот пат. Чекорев полека, несигурна каде тој пат ме води. Се прашував дали постои крај на патот. Плачев после секој пад, се чудев после секој неубав збор. Сакав, но секогаш бев таа која е оставена. Бев осамена и многу празна, бев неиполнета! Сето тоа ми беше толку многу познато. Ми беше позната болката. Се прашував дали постои крај за мојава болка. Болката која го уништи секој дел од мене. Болката која направи да мислам дека не можам да продолжам со животот. Направи да се чувствувам странец во сопствената кожа.

Да, СТРАНЕЦ. Кога и да се погледнев во огледалото гледав личност која веќе не ја познавам. Нејзиното лице, нејзините очи, сето тоа беше непознато. Си велам зарем тоа е онаа девојка која пред другите се преправа дека е најсреќна, онаа девојка која не знае за болка. Ах, таа проклета болка! Зошто ја има насекаде? Зарем светот не би бил поубав без неа?

Уште еден нов ден, повторно стојам пред огледалото. „Ајде стави ја“ си велам, „Стави ја таа проклета маска која ја носиш секој ден. Зарем не си уморна од неа, зарем не ти тежи што ја носиш секој ден?“…

Да, се изморив, но морам да ја носам. Кога ја носам луѓето не ми поставуваат прашања. Дури и кога би ми поставиле, јас не знам како би им одговорила. Кога некој би ми рекол да го опишев животот со еден збор, тоа би бил ТЕМНИНА.

И токму тогаш кога мислев дека нема излез, дека сè е толку црно, толку безнадежно, се појави ТИ. Стоеше на мојот пат, на оној на кој што чекорев. Ми изгледаше толку далеку и мислев дека никогаш нема да успеам да дојдам до тебе. И со некаква сила да, успеав, дојдов до тебе. Искрено не би знаела да кажам од каде дојде таа сила во мене, но едноставно дојде.

Но што сега откако те сретнав. Сега чувствувам страв. Во почетокот ме плашеше сè. Ме плашеше секој твој збор, но истовремено ми даваше и надеж. Ме плашеа твојте допири, но толку многу ми беа потребни. Тие правеа да се чувствувам повторно жива. Дали е ова вистина? Изгледа е. Да е! Ова мене ми се случува. Ти си таа светлина на крајот од овој мрачен тунел кој јас го нарекувам живот. Ти си онаа потпора која ми требаше за да не паднам повторно.

Сега можам да кажам дека конечно излегувам од дома без да морам да ја ставам маската. Сега не морам да се преправам дека сум среќна, бидејќи навистина сум СРЕЌНА. Всушност среќна е мал збор за да ви опишам како се чувствувам. Веќе не мислев на болката, таа веќе не е важна. Но најчудно од сè, е кога те гледам тебе се чувствувам како да се гледам себе си. Твоето присуство ме врати, ми даде надеж, и не ми е гајле што ќе се случи утре. ТИ БЛАГОДАРАМ!

Автор: Љупка Јорданова


Вашите дела ги очекуваме на diary@ilike.mk. Ви благодариме!



Оставете коментар

Вашата е-маил адреса нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

*