Top
Љубовно писмо број 5

Љубовно писмо број 5

Љубов… бескрајно ми недостасуваш.

Ми требаш како вода. Жедна сум, ми гори душата, срцето ми е во пламен, солзите пресушија. Сакам да заплачам, сакам да вриснам. Не можам, љубов. Не можам! Ме стегаат градите, камен ми ја толчи секоја воздишка, секоја мечта ме боли, ме притиска. Не можам да дишам. Љубов…

Дај ми од твоите солзи,

изгасни ги огновите во мене

без страв љуби ме.

Дај ми од твојата нежност

покриј ме со неа

без страв прегрни ме.

Дојди и тивко шепни ми

дека силно ме љубиш,

дека како дете се радуваш

на секое наше видување,

дека не сакаш да мине ноќта

дека не сакаш да дојде денот

и да ме однесе

на другата страна од универзумот

па да ти бидам само сон.

Да се прашуваш

дали повторно ќе се сретнеме,

дали постојам,

за кого постојам?

Бескрајно ми недостасуваш. Ми требаш како воздух, како тивок ветар оваа ноќ тешка за дишење, уште потешка за сонување. Дојди и биди ми сон. Земи ме во своите прегратки, заедно ќе сонуваме. Љубов…

Дојди и нежно љуби ме. Па биди ми изгрев, нов ден. Љуби ме и тивко шепни ми, дека не сонуваме, дека ние сме оваа ноќ и сите утра што треба да осамнат.

Автор: Капка Светлина


Вашите дела ги очекуваме на diary@ilike.mk. Ви благодариме!



Оставете коментар

Вашата е-маил адреса нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

*