Top
Љубовно писмо број 1

Љубовно писмо број 1

Некогаш сите писма до тебе ги започнував со „Љубов моја…

Се прашувам дали воопшто ти се обраќав на тебе? Дали ти се препозна во тие зборови?

Врне дожд љубов моја. Капат стреите, ја полнат душава, а таа жедна не остава ниту една капка не испиена. Пие дури и од мене.

Повторно пишувам љубов моја…, не ти се обраќам на тебе. Не се обраќам никому. Всушност се обраќам на себе и на сите жедни да чујат глас од далечина, од сопственото непознато.

Љубов моја, уште колку жртви, уште колку откажувања?

Сите нови инкарнации ќе ми бидат казна.

Јас човекот, генерации назад, милениуми неизбројани, нема да бидам вилинско коњче преобразено во самовила.

Нема да ја предвидувам иднината, нема да ја раскажувам историјата на победниците.

Во моите вени не тече сина крв, иако сум родена под блесок на сина ѕвезда.

Сите нови инкарнации ќе ми бидат казна.

Повторно пишувам стихови љубов моја. Само така знам правилно да дишам. Не е важно кому ги пишувам, дали некому ги посветувам.

Повторно љубам љубов моја… силно, страстно, длабоко. Кога не би постоело времето дури ни во моите мисли, сигурно ќе ја премостев далечината. Просторот меѓу нас ќе беше премал, претесен да нè збере и двајцата. Сепак, ќе бевме доволно далеку слободно да вдишеме, јас од твојата љубов ти од мојата, љубов моја…

Автор: Капка Светлина


Вашите дела ги очекуваме на diary@ilike.mk. Ви благодариме!



Оставете коментар

Вашата е-маил адреса нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

*