Top
Crvena-devojka-esen-iLike-mk-diary

Есен

Отсекогаш ја сакав есента, нејзиниот мирис ме успокојуваше. Го сакам мирисот на есенскиот дожд, вкусот на топлото какао во ладните ноќи. Ја чекав со нетрпение небаре ќе ми донесе нешто.
Еве и таа дојде, лисјата на црешата пожолтеа. Ветрот ги гали нежно и ноншалантно ги откинува од гранките танцувајќи и виорејќи со нив. Застанав до црешата и ги затворив очите – мирисот на есента и шушкањето на лисјата ме доближуваше до него. Беше есен кога се разделивме. Се сеќавам како му пријдов, исто како што ветрот му приоѓа на листот, а тој ги отстрани моите траги така што ѝ се предаде на првата капка дожд.

Го сакам ноември затоа што беше наш месец, ноември нè спои, но и нè раздели.
Во ноември се сакавме… Ладните ноќи ги заменивме со топли бакнежи, врела страст и неколку чаши слатко вино.

Во ноември го пуштив, си заминав тивко.

Толку далечна, а сепак блиска ноќ. Времето си минува, си носи и си зема спомени, но некои остануваат како да склучиле пакт со него дека не смее да ги однесе. Се сеќавам дека врнеше, небото како да се расплака за нас, тој таму, јас тука но барем едно небо нè покриваше.
Некогаш навечер сакам да му побегнам на сонот… Секоја ноќ сонувам ист сон. Тој застанат во дворот до истата цреша каде стојам денес, имаше букет цвеќе во рацете и писмо. Тоа писмо беше последното „Збогум“, беше последното „Те сакам“, беше последниот спомен.

Спомен кој јас секоја есен го оживувам овде стоејќи до црешата, гледајќи го виорењето на лисјата со надеж дека тој ќе дојде без букет, без писмо, со раце слободни да ме прегрнат.

Но, можеби ова ќе биде само уште една есен како и претходната.

Автор: Маријана Еленова


Вашите дела ги очекуваме на diary@ilike.mk. Ви благодариме!



Оставете коментар

Вашата е-маил адреса нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

*