Top

Мајсторот и маргарита

Москва станува небезбеден град кога во него ќе се појават професорот Воланд и неговиот помошник.

Овие сомнителни луѓе го отежнуваат животот на актерите, државните службеници и останатите кои се дел од режимот.

“Мајсторот и Маргарита” е составен од три приказни меѓусебно поврзани на многу необичен начин, читателот е просто вовлечен во еден чуден сон од кој се буди дури на крајот.

Заслугата на Булгаков е во тоа што тој успева да ја раскаже неговата комплексна приказна – или подобро: приказни – на таков начин што читателот нема да се изгуби и дури ќе ја разбере пораката и алузијата.

Читателот станува сведок на најневеројатни нешта: отсекување на глави, црна магија, одвлекување и грабнување, фалсификување на банкноти, самозадоволни луѓе кои се буквално разголени, Маргарита која лета над Москва во форма на вештерка, во потрага по нејзината очајна љубов – Мајсторот… во книгава нема недостаток од фантазија.

Булгаков го завршил овој роман пред неговата смрт, но некои велат дека тој умрел прерано, затоа што има делови во романот кои не се целосно заокружени, сепак можеби токму несовршеноста е тоа што дава толку голем шарм на “Мајсторот и Маргарита”. Во овој роман Булгаков успеал да ја испреплети трагедијата на неговата татковина со таа на неговиот сопствен живот како писател кому не му било дозволено да пишува. Првото издание во Западна Европа во 1966 (16 години по неговата смрт) веднаш го направи славен, а денес на Булгаков се гледа како на еден од најдобрите руски писатели.

Овој забрануван роман сепак успеал да преживее, бидејќи како што вели и самиот автор во него – “рукописи не горят” (ракописите не горат). Ако се интересирате за писатели и книги кои направиле пресврт во светот на литературата – ова е задолжително четиво за вас.

Статијата ја напиша: Наташа | Извор: sakamknigi.mk




Оставете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>