Top

Љубовта за Ана

Љубов – нештото без кое не би постоела денешницата, не би постоело минатото, најверојатно и утрешнината….. не би постоеле ние, светот…. и сè останато зошто впрочем…

,,СЀ Е ЉУБОВ!” Но каква???

Ќе започнам класично со реченицата.

Во овој роман e опишана љубовта, нејзините почетоци (заљубувањето), нејзиното уживање, нејзината плиткост и длабочина… и нејзиниот крај… за жал… зошто сè има почеток и крај… Опишана е љубовта низ очите и душата на младиот јунак, неговите мечти, скриени желби, потреби, надежи, опсесии. Доловен е секој сегмент од неговото секојдневно расположение јасно покажувајќи ги и недостатоците на она што значи човек, млад човек (да се сака и да се биде). Само по себе се провлекува прашањето дo каде сме спремни да одиме, до каде е спремен да оди младиот човек покорувајќи им се на моќните чувства кои од ден на ден растат сè до оној степен на големина и силина кога не знаеш што понатаму, а не знаеш ниту да ги измериш или пак сузбиеш.

Јасно е опишан студентскиот живот онаков каков што е во реалноста, без нагли отстапувања јасно обидувајќи се да не се сокријат пропустите на денешниов систем и општество. Се споменува и за разликите во социјалните статуси, иако тоа премногу не се нагласува затоа што во љубовта тоа не е секогаш важно (само во случај да размислуваш премногу оптимистички ) но…

Копнежот на младиот јунак почнува токму со реченицата ,,Се викаше Ана. Колку убаво име.’’, па се надоврзува со нејзиниот опис низ неговите очи, кој опис само ни ја навестува љубовната приказна и дејството како такво. А дејството… него го има од почетокот, па сè до самиот крај што само по себе кажува дека ова е книга – роман кој мами за читање во еден здив. Лесно е читлива и изобилува со многу метафори, а внесувањето во главниот лик ја прави поинтересна. Впрочем, тоа е и целата игра. Внесувајќи се во главниот лик, соживувајќи се со Иан ја гледате љубовта за Ана. Онаа чиста љубов, полна со предизвици и… Неговите мисли јасно се насочени кон неа, неговите слатки копнежи – сè тоа е Ана.

Како што се вртат страниците, копнежите и посакувањата добиваат на интензитет иако во дадени моменти не изгледа така.

Иан сам во големиот град… Луѓе со различни навики од неговите, луѓе со различни очекувања од неговите… Разлики, промени, статуси… Љубов за време од 6 години, љубов под која нештата се менуваат, љубов помалку брутална, но сепак чиста…

Во почетокот на книгата се вели дека Иан бил заљубен во Ана, но јас велам дека Иан ја сакал Ана уште тогаш, ја сака и ќе ја сака… сè додека не реши поинаку (секако ако метафората се разбере во вистинската смисла).

Не, нема да се осмелам да Ви ја прераскажам или раскажам ,,Љубовта за Ана,, нема ни да се обидам да го сторам тоа затоа што со само вака нафрлени зборови ќе ве убедам во она што јас го видов во неа. А видов многу. Видов многу љубов (нечиста или чиста, одберете вие како ќе ја гледате), видов многу растежи и падови, видов многу збогувања, откажувања, копнежи, мечти, соништа, реалност, секојдневие, пријателства, видов и враќање и останување… видов многу…

Најмногу видов љубов во малку поинаква смисла на зборот, љубов која нè повредува, љубов која со терет ја носиме на својот грб – патолошки зависна љубов.

Да – тоа е она кое му се случува на Иан, тоа е она кое ќе го однесе од крајност во друга крајност, тоа е она кое ќе ја расипе љубовната приказна која можеше да заврши и поинаку… Зошто целта на љубовта e да те понесе до онаму до каде што не си спремен да одиш, целта ѝ е да ја уживаш. А патолошката љубов не можеш да ја уживаш, таа ти е терет под кој твоите плеќи секогаш попуштаат и ти само се веднеш надолу, надолу се додека не легнеш еден ден на земја… Можеби причината за опсесијата лежи во него, во самиот поглед на неговиот живот, во сфаќањето на патешествието наречено човеков век, можеби… А можеби и времето, разликите, големиот град ја потхрануваат неговата престрашеност од одбивање, па поради тоа чистата и исконска љубов преминува секакви граници и станува своевидна завист, која расипува сè. Во случајов остава траги и на двајцата. Длабоки траги кои не ќе можат да се сокријат никогаш повеќе, затоа што кога еднаш веќе ќе се најдеш во игра наречена опсесија, наречена завист, наречена невозвратеност – ти никогаш повеќе не ќе можеш да излезеш од неа ако не се познаваш доволно самиот себеси… Затоа Иан пишувајќи ги писмата сфаќа колку длабого влегол во играта… и посакува да излезе… но како, кога, може ли???

Тоа се само прашањата кои ќе си ги поставувате додека ја читате.

И кон самиот крај ако се прашувате ,,дали некој ќе му помогне на Иан?” само ќе ви речам, внимателно читајте го крајот и обидете се да не го поминете ова… никогаш не ја газете тенката црвена линија пoмеѓу љубовта и тоа нешто што стои на спротивната страна од неа…

Автор на рецензијата: Маја Гоческа

Кликнете ТУКА за да ги погледнете нашите денешни содржини.

Facebook FAN page




5 Коментари

Оставете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>