Top

ЈАС во дилема

Пак си во дилема… ТОЈ не ти се јавува веќе 2 дена, а последниот пат кога се видовте сè беше во ред. Мајка ти не ти  зборува затоа што ја излажа дека ќе одиш кај другарка ти, а ти отиде во парк. Другарка ти е повторно вљубена, но овој пат ни помалку ни повеќе туку во него – во твоето ново момче. Сестра ти повторно се затвори во собата и не сака да зборува со никого, а најмалку со тебе… Што му е на овој свет? И зошто токму тебе ти се случуваат вакви работи? Зошто твојот живот не е барем малку посовршен како на Вики од другиот клас, секогаш насмеана, секогаш окружена од убави момчиња и другарки кои сè би направиле за неа…

Ти доаѓа да врескаш од нервоза… на телевизија те трујат со здодевни серии, на радио секоја песна те потсетува на него, на родителите ти е срам да им кажеш. А другарките си имаат свои проблеми и сè помалку време да го слушнат твојот. И што да правиш? Кому да се обратиш?

Да, не ти е лесно, секој проблем ти делува како планина тежок, иако по некое време можеби и слатко ќе се изнасмееш кога ќе се сетиш за што си страдала.

Но такви се тинејџерските болки и дилеми. Лесни како пердув, видливи од километар, но со огромна сила да растажат две очи, да скршат едно вљубено срценце.

Токму затоа се појави и оваа книга која сега ја држиш в раце ЈАС ВО ДИЛЕМА. Кога си во дилема, таа да ти биде еден вид прва помош при рака, потсетник и мини водич за најосновните однесувања во твојот тинејџерски живот, и мал потсетник дека кога се чувствуваш толку безнадежно – тука е ТАА, твоето омилено списание на кое секогаш можеш да му се обратиш за совет.

Веќе 15 години ТАА е најдобра другарка на сите тинејџерки. ТАА ги има одговорите на сите твои прашања, знае како да се справиш со непријатните ситуации, има решение за твоите тин паники.

Некои девојки полесно ги решаваат „кризите“, а други освен со несоницата, тагата и нервозата, се соочуваат и со депресија. Во тинејџерските години ниту еден проблем не толку голем и страшен за да мислиш дека не постои решение.

Читателките на ТАА, девојките кои растеа со нас, од самиот почеток ни праќаа писма со надеж дека ќе им помогнеме да си ги решат своите најголеми, најнепријатни, најнеобични, најстрашни, најтиин дилеми. А ние одговоривме на секое од тие писма. Твоите и нивните проблеми не се разликуваат многу – љубовта, семејството, училиштето и другарките се секогаш на листата теми – вечни дилеми.

Читај ги овие страници и самата ќе се пронајдеш во дел од нив и можеби ќе најдеш одговор на некои неодговорени прашања.

Книгата е поделена на пет дела. Првите три дела, поточно најголемиот дел од книгата, се писмата на ТАА читателките (избор од писмата) кои сметавме дека најмногу ќе ти помогнат во одредени ситуации,  но воедно и ќе ти ги отворат очите како и кога да не правиш грешки. Писмата се селектирани зависно од тоа на какви проблеми се однесуваат, па оттука и називите на самите делови: „Јас и тој“ (љубовни дилеми и проблеми); „Јас и другите“ (другарски дилеми и проблеми); „Јас и моите“ (семејни проблеми и дилеми).

Четвртиот дел од книгата насловен „Нема дилема“ е составен од поучни и забавни текстови, во кои повторно се обработени неколку типични тинејџерски „главоболки“. Последниот дел од книгата и можеби и најинтересен за тинејџерите ги содржи и тестовите. Земи го пенкалото в раце и „Реши ја дилемата“. Покрај забавниот карактер на овие тестови, тие ќе ти помогнат да откриеш уште некоја црта од твојот карактер…

Оваа книга е направена само за тебе! За полесно да го пронајдеш вистискиот пат… И наместо да грешиш, да научиш нешто од грешките на оние кои не се срамеа да нè прашаат за совет.

ТАА е секогаш тука за тебе. ТАА нема дилема. И затоа ТАА знае сè што ти сакаш да знаеш. Затоа, земај ја книгата в раце и ајде да решиме некоја дилема…




Оставете коментар

Вашата имејл адреса нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *