Top

Драги Џон

Видов дека има напишано статија за филмот и си велам зошто па да нема нешто напишано и за книгата. Па се фатив за работа, бидејќи секогаш се покажало, барем според мене, дека книгата во секој случај е подобра од филмот. А ништо од Николас Спаркс не би смеело да се пропушти и да не се прочита.

Џон Тајри живее со татко му бидејќи мајка му ги напуштила уште додека тој бил многу мал. Гледајќи ги вака, сè додека не ја добиете конечната слика за татко му, сфаќате дека тие двајца се тотално спротивни. Додека Џон е во постојано движење, секогаш нешто работи, татко му е доста повлечен и живее во една рутина. Единствено има време само за неговата колекција на монети.

Љубовта кон монетите му ја пренел неговиот татко.

Со текот на времето тие сè повеќе се оддалечуваат еден од друг, бидејќи татко му единствено и без тешкотии можел да разговара за сè што е поврзано со монетите, а бунтовниот Џон сè уште не може да го сфати татка си. Бидејќи речиси цело време живееле скромно, секоја пара одела за купување на монети, Џон едвај го завршува средното училиште и не сака да продолжи со школувањето туку сака да работи и да може да си надокнади за сè она без кое живеел сите тие години. Иако станува проблематичен, главно поради тоа што на некој начин се срамел од татко му, сепак Џон никогаш не добил никаков прекор поради тоа. Сфаќа дека и покрај сè нема право да го разочарува татко му по сето она што тој го направил за него.

Се пријавува во армијата. Таму комплетно се променува и од едно бунтовно дете станува доста повлечен човек. Досието му е беспрекорно и е унапреден од обичен војник, прво во каплар а потоа и во водник. За разлика од неговите другари тој како постојано да го избегнува женското друштво, сè додека на едно од неговите отсуства не ја запознае Савана!

Таа е дојдена во Вилмингтон како волонтер за Хабитатот на Хуманоста и тука е заедно со неколку студенти кои ќе помагаат во изградбата на куќи. Кога е со неа Џон сфаќа колку бил осамен цело време…

Дали во него се раѓа љубовта, всушност дали е возможна љубовта на прв поглед и колку таа може да го повреди?

Знам дека сигурно повеќето го имаат гледано филмот и ја знаат содржината, но сепак се надевам дека ќе ја прочитате книгата и ќе ги доживеете чувствата и силната љубов на Савана и Џон!


Статијата ја напиша: Марија Арнаудовска | Извор: sakamknigi.mk

Станете наш facebook фан.




2 Коментари

Оставете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>