Top

Ѕвонарот на Богородичната црква во Париз

Девојчето: Зарем ова е онаа големата, дебела книга, со мнооогу страници? Библиотекарката: Паа… Не. Мислам, да. Книгата ете гледаш е околу 500 страници, но… Девојчето: Уфф… Па, тоа е тооолку многу. Сигурно има безначајни описи и којзнае колку вртења околу едно та исто. Ве молам, дадете ми некоја со помал број страници, некоја која нема да ме исплаши со својата големина и ќе ме натера за брзо време да ја прочитам…

Така започнува приказната за книгата, која никој не би ја ни побарал, а не би ја ниту зел, доколку не би знаел чиј е потписот оставен на неа. Тоа е приказна чија надворешна големина е многу помала од онаа внатрешната. Страниците не означуваат ништо додека не бидат прочитани.

Сè додека не ја отворите и не го сетите мирисот на печетарската боја, онаа која ќе ве одведе во времето на едно поинакво општество, во центарот на денешната метропола – Париз.

Додека Ајфеловата кула не гледа како мравки, голтајќи не со својата височина, Богородичната црква нѝ се потсмева и си поигрува со нашето незнаење за она што било и останало во неа. Ете, дури нема ни да се потрудам да ја опишам нејзината градба, не, јас нема да ви ја разголам нејзината душа. Нема, бидејќи знам дека никогаш нема да го направам тоа така уникатно, величествено, а притоа толку искрено кажано како Виктор Иго.

Но, затоа пак со сигурност нема да им ги погрешам имињата на Квазимодо и Есмералда. Нив прифатете ги како дар од мене. Пакетче украсено како да денес е Нова година, а всушност е само обичен ден. Грбавко и Циганка. Чуден спој, а сепак толку реален. Квазимодо – личност чиј слух е неуморна птица – одлетува секојпат кога ќе се јави звукот на ѕвоното. Птица која изминала доволно долг пат, за да само во неа остане она едноличното „диннгг…диннгг“.

Не, тој не е само глув, тој е и грбав. Врз својата снага чиниш ја носи тешката денешница врзана во најгруба вреќа од времето во кое живее. Тој е магнет на кој се лепи само показалецот од луѓето неуморни за исмев. Есмералда – циганка која денес е сакана од сите, а веќе утре секој ја гледа со омраза. Девојка врз која ќе бидат нафрлени обвиненијата за вештица и девојка чиј врат ќе го сети острото јаже од бесилката – но, дали доволно близу? Таа е лик, околу кој се вртат многу други ликови и тоа секој на свој начин.

Но, што ќе остане на крајот? Е, тоа ќе ви го каже самиот крај. Всушност, „Ѕвонарот на Богородичната црква во Париз“ е = (угорница која ќе ве натера да претрпувате нагли промени при дишењето + долга стаза во која сакате да се изборите за првото место, па напати чувствувате таков замор што кај вас се јавува желбата за откажување + романса – романса (бидејќи дефинитивно тоа не е) ) * часови проследени со гримаси, кои никојпат не сте ги правеле, а сега никако да ве напуштат + вечно сеќавање за заборавот на безвременоста) Но, за жал има нешто во неа што ниту може да се одземе, ниту да се додаде…

Тоа е равенка чиј НЗС ви го препуштам вам да го пронајдете… Па, со среќа!

Статијата ја напиша: Деспина | Извор: sakamknigi.mk

Facebook FAN page




1 Коментар

  • Симона Јорданова вели:

    Би сакала да си ја купам книгава каде мозам да ја најдам и која цена е?
    Благодарам

Оставете коментар

Вашата имејл адреса нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *